Од 2015 до 2025 година, аерозагадувањето во Скопје е намалено за околу 50 проценти, покажуваат анализите на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
И покрај позитивниот тренд, експертите предупредуваат дека се потребни дополнителни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, пред сè, преку субвенционирање на еколошки системи за греење, проширување на централното греење и модернизација на јавниот превоз. Според машинскиот инженер Андреј Стојковски, досегашните мерки на институциите даваат резултати, а на одредени мерни станици, средногодишните концентрации на загадувачки материи се и под законски дозволените граници. Како една од мерките што придонеле за намалување на загадувањето, тој го посочи субвенционирањето на инвертер клима-уредите, со кои домаќинствата ги заменуваат печките на дрва и котлите на цврсто гориво.
Стојковски посочи дека Скопје, поради географската положба и котлинскиот карактер, е особено изложено на загадување во зимските месеци, кога температурните инверзии го задржуваат загадениот воздух. Највисоки концентрации, според него, се забележуваат во утринските и во вечерните часови, кога домаќинствата најинтензивно ги користат грејните тела. Тој оцени дека проширувањето и модернизацијата на мрежата за далечинско топловодно греење треба да биде еден од приоритетите, иако станува збор за инвестиција која бара значителни финансиски средства и подолг период за реализација. Како значаен чекор за намалување на емисиите од сообраќајот ги посочи и најавените 100 нови автобуси, како и системот за брз автобуски превоз БРТ.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, нагласи дека граѓаните и компаниите покажуваат интерес за премин кон поеколошки начини на греење, но за тоа им е потребна финансиска поддршка. Според неа, субвенциите се неопходни за полесна замена на старите грејни уреди, а дополнителен поттик би биле и поволните кредити со грејс-период за набавка на енергетски ефикасни системи за греење и ладење. Од ОПМ препорачуваат и подобрување на јавниот превоз, изградба на поквалитетни велосипедски патеки, намалување на отпадот и зголемување на зелените површини во главниот град, како дел од пошироките мерки за намалување на аерозагадувањето.












