Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, тврди дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со влезот на српската „Алта банка“ на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола. Таа, во телевизиско интервју, категорично негира дека била консултирана за процесот, нагласувајќи дека Министерството немало ниту информации за преговорите со инвеститорот ниту за други банки кои претходно пројавиле интерес.
– Ние, како Министерство, не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање – изјави Димитриеска-Кочоска.
Нејзината изјава доаѓа по објаснувањето на гувернерот Славески дека согласноста за влез на српската „Алта банка“ во сопственичката структура на Стопанска банка – Битола била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции. Според него, супервизорските служби на Народната банка утврдиле дека инвеститорот ги исполнува законските услови за преземање на сопственоста.
Димитриеска-Кочоска смета дека загриженоста на клиентите на „Алта банка“ е оправдана, особено кај граѓаните кои ги очекуваат своите плати или имаат заштеди и средства на сметките во банката. Сепак, нагласува дека проблемите не произлегуваат од работењето на банката во Македонија, туку од состојбите во нејзината матична компанија во Србија.
Според министерката, промените и проблемите кај сопственикот во Србија довеле до ситуација во која македонската банка останала без стабилна сопственичка структура, што потоа се одразило врз нејзиното работење.
– Ова не е резултат на проблеми кои ги имаше банката во Македонија, туку ова е резултат на тоа што се случува во матичната, би рекла, компанија сопственик на банката во Македонија, тоа е банката во Србија. Оттаму почнуваат проблемите, така што банката во Македонија доаѓа во состојба да нема сопственик, односно се менуваат ситуациите таму и тука настануваат проблемите – посочи министерката.
Во однос на пошироката состојба во банкарскиот сектор, Димитриеска-Кочоска оцени дека тој останува стабилен и дека „Алта банка“ има речиси незначително учество во вкупниот банкарски систем во земјава. Таа ги повика граѓаните да имаат доверба во банкарскиот систем и во Народната банка, која во моментов го администрира работењето на битолската банка, изразувајќи очекување дека состојбата ќе биде ставена под контрола.
(С. Бл.)












