Кредитирањето во Македонија продолжува да расте, а најголем пораст бележат станбените кредити. Според податоците на Народната банка, во септември 2026 година, вкупните кредити забележале годишен пораст од 14,1 процент, додека депозитите се зголемиле за 9,2 проценти. Станбените кредити пораснале за 16,1 процент, што укажува на зголемено задолжување за купување недвижности. Но, кредитите не се земаат само за решавање на станбеното прашање. Сè почесто, граѓаните посегнуваат по потрошувачки кредити и дозволени минуси за да ги покријат секојдневните трошоци и да го истуркаат месецот.
Колкав товар претставуваат овие задолжувања за семејните буџети покажува и фактот што месечната рата за станбен кредит ќе стане дел од владината просечна потрошувачка кошница. На последната седница на Економско-социјалниот совет беше донесена одлука оваа ставка дополнително да се вклучи во пресметката, бидејќи првично не беше предвидена.
Во услови на засилено кредитирање, Народната банка најави и построги макропрудентни мерки за станбените кредити, кои треба да почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година. Тие предвидуваат ограничувања на односот меѓу висината на кредитот и вредноста на недвижноста, како и на вкупните месечни кредитни обврски во однос на приходите на должниците. Целта е да се спречи прекумерно задолжување и да се зајакне отпорноста на банкарскиот систем.
Сепак, експертите предупредуваат дека зад растот на кредитирањето стои и потребата на граѓаните да ги финансираат основните животни трошоци. Според Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, ниските плати сè почесто ги принудуваат домаќинствата да се задолжуваат за да го поминат месецот.
– Граѓаните сè почесто се принудени да земаат кредити не само за поголеми инвестиции туку и за да ги покријат секојдневните трошоци и да го истуркаат месецот, бидејќи платите не се доволни за покривање на основните животни потреби. Најголем финансиски товар за семејствата претставуваат станбените кредити, чии месечни рати заземаат значителен дел од домашниот буџет. Дополнителен проблем е што станува збор за долгорочни задолжувања, кои најчесто се склучуваат на 20, па и 30 години. Тоа значи дека граѓаните со децении ќе мора да издвојуваат дел од своите приходи за отплата – изјави Пешевски за весникот ВЕЧЕР.
Дополнителен товар се и каматите. Покрај главнината, кредитокорисниците мораат да издвојуваат средства и за каматните трошоци, а дозволените минуси на платежните сметки можат да бидат особено скапи, каде што каматните стапки достигнуваат и до 10 проценти. Нивното користење укажува дека дел од домаќинствата се соочуваат со недостиг од ликвидни средства и се принудени да посегнуваат по поскапи кредитни производи за да ги покријат тековните потреби.
Во меѓувреме, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, објаснуваше дека во владината потрошувачка кошница не биле вклучени трошоците за кирија и ратите за станбени кредити, повикувајќи се на податоците од Пописот во 2021 година, според кои, околу 95 проценти од граѓаните живеат во сопствен дом. По реакциите во јавноста, Владата одлучи да ја ревидира кошницата и во неа да ги вклучи и ратите за станбени кредити.
Од друга страна, градежниот експерт Никола Велковски смета дека поволните услови за кредитирање на лицата што првпат решаваат станбено прашање се добредојдени, но предупредува дека мора да постојат механизми за проверка на тоа дали станува збор за купување прв, втор или трет стан. Според него, покрај поволните кредитни услови, потребни се и мерки за обезбедување подостапни станови.
– Политиката што ја наметна Народната банка кон банките за обезбедување подобри услови за купување прв стан е добра. Граѓаните што првпат решаваат станбено прашање добиваат можност за станбен кредит со минимално сопствено учество од 10 проценти од вредноста на недвижноста, доколку ги исполнуваат пропишаните услови. Сепак, неопходни се ефикасни механизми за проверка на исполнувањето на условите. Сметам дека државата треба да направи и дополнителен чекор – да обезбеди подостапни станови, бидејќи поволните кредитни услови сами по себе не значат дека секој граѓанин може да си дозволи сопствен дом – изјави Велковски за весникот ВЕЧЕР.
Растот на кредитирањето, според тоа, не е само банкарска статистика, туку и показател за финансиските потреби и можности на домаќинствата. За едни, кредитот е пат до сопствен дом, за други начин да ги покријат секојдневните трошоци. Но, кога задолжувањето станува неопходност за да се преживее месецот, а станбените обврски се отплаќаат со децении, прашањето не е само колку кредити земаат граѓаните, туку и колкав дел од нивните приходи им останува за живот.
(А. С.)












