четврток, ноември 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Израелски и македонски доктори оперираа 16 млади луѓе со тешки изгореници на...

Израелски и македонски доктори оперираа 16 млади луѓе со тешки изгореници на рацете

Продолжува лекувањето на повредените во „Пулс“

0

Тим доктори од Израел и од Клиниката за пластична хирургија направиле операции на рацете и на дланките кај 16 млади луѓе што се здобија со тешки изгореници во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Десет од нив се направени во болницата во Кочани, каде што и натаму одат повредените на физикална терапија, а на скопската Клиника за пластична хирургија – шест. Според тимот дерматолози што се посветени на лекувањето на преживеаните, 80-мина пациенти имаат лузни, кај 20-мина е направен реконструктивен зафат, а дел се лекуваат со ласерска терапија, информира пластичниот хирург Гордана Георгиева.

– Пациентите ќе се лекуваат овде, во Македонија, ќе доаѓаат доктори, еве како сега тим од Израел, а ќе се прават консултации и со лекари од Белгија и од Германија за корекција на лицето. Особен успех е и што повредените што се вратија од лекување од Унгарија и од Србија, почнаа со терапија тука. Државата е тука за повредените од Кочани, на долги патеки, здравствените власти ќе ја дадат сета поддршка – изјави министерот за здравство, Сашо Клековски, на прес-конференцијата за медиумите.

фото Ѕ.Плавевски

Докторот Матан Шерф од медицинскиот центар „Шеба“ од Израел рече дека има прогрес во лекувањето и закрепнувањето од првиот пат кога биле и сега.

– Изгорениците тешко се третираат, потребно е време. На многу од нив им е потребна психолошка поддршка, таа е круцијална. Фокусот е на рацете, тие да станат функционални, но и да бидат задоволни од нивниот изглед – кажа доктор Шерф.

На уште четворица пациенти им е потребна помош од родителите во извршување на секојдневните обврски. Во кочанската болница прават физикална терапија за да им се врати функционалноста. Со пациентите што беа повредени во „Пулс“ работи посебен тим на дерматолози и пластични хирурзи, формиран од Министерството за здравство. Во пожарот беа повредени 200, а загинаа 63 млади луѓе. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ