Исплатата на пензиите во битолската филијала започна со долги редици, нервоза и три интервенции на Брзата помош, додека Народната банка најавува проширување на исплатата и во други градови. Граѓаните можат да подигнат најмногу 20.000 денари во рок од 14 дена, а за останатите клиенти и натаму важат ограничувања во располагањето со средствата. Во меѓувреме, кризата ги отвори и прашањата за парите на битолските јавни претпријатија, откако градоначалникот објави дека пет од нив имаат вкупно околу 8,85 милиони денари на сметки во банката. Неизвесноста се однесува и на компаниите кои треба да исплатат плати и да ги завршат даночните обврски до 15 ноември

Кризата во „Алта банка“ – АД Битола продолжува да предизвикува загриженост кај граѓаните, кои и покрај почетокот на исплатата на готовинските средства, сè уште се соочуваат со ограничен пристап до сопствените пари. Првиот ден од исплатата во битолската филијала помина со долги редици, нервоза и три интервенции на медицински екипи, откако на дел од пензионерите им се слошило додека чекале пред шалтерите. Меѓу нив имало и повозрасни лица, како и клиенти кои не добиле СМС-известување или воопшто немаат мобилен телефон, па самостојно дошле да побараат пристап до своите средства.
Шалтерите на „Алта банка“ – Битола денеска првпат беа отворени за исплата на пензиите за пензионерите без платежни картички, откако Народната банка го презеде управувањето. Со цел да ги информира како тече исплатата, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и со директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов. Гувернерот информирал дека исплатата се одвивала непречено, а иако за првиот ден преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, на шалтерите се услужувале и оние што немаат оставено телефонски број за контакт, но самостојно дошле да ги подигнат парите.

Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можат да подигнат најмногу 20.000 денари во период од две недели. Гувернерот најави дека Народната банка работи и на создавање услови за организирање исплата преку шалтери во други градови, со цел да им се олесни пристапот до средствата на пензионерите и примателите на социјална помош. Тој нагласи дека парите и понатаму се на сметките на клиентите, а привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со нив и се воведени за зачувување на ликвидноста и стабилноста на банката.
Од Народната банка посочуваат дека приоритет е исплатата на пензиите и средствата за социјална помош, а паралелно се бараат решенија за постепено обновување на останатите банкарски услуги. За другите физички лица останува неделниот лимит од 10.000 денари за готовински подигања и плаќања со картички издадени од банката. Внатрешните трансакции во банката се неограничени, додека одливните плаќања кон други банки и во странство се привремено ограничени. Ограничувањата се предвидени да траат до три месеци, а во тек се активности за повторно воспоставување на електронското и мобилното банкарство.
Случувањата во банката ја ставија под лупа и финансиската изложеност на битолските јавни претпријатија. Советничката група „Поинаку“ побара вонредна седница на Општинскиот совет, барајќи од градоначалникот Тони Коњановски информации за сметките и средствата на општинските институции и претпријатија во банката. Коњановски ја оцени иницијативата како популистичка, но објави дека пет јавни претпријатија имаат сметки во „Алта банка“, со вкупни средства од околу 8,85 милиони денари. Најголем износ има ЈП „Паркинзи“ со околу 4,45 милиони денари, а ЈПЗУППИ располага со 3,4 милиони денари. Градоначалникот уверува дека овие околности не го доведуваат во прашање функционирањето на претпријатијата и најави разговори на Локалниот економско-социјален совет.
Дополнително, неизвесноста се однесува и на компаниите кои преку банката треба да ги исплатат платите и да ги подмират даноците и придонесите до 15 ноември. Народната банка информира дека поради банкарската тајна не може да открива кои институции и компании имаат сметки во банката, но дека разгледува можни решенија за исполнување на нивните законски обврски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во меѓувреме ги повика граѓаните да бидат спокојни, оценувајќи дека Народната банка го администрира процесот со цел клиентите да не претрпат штета. Тој направи споредба со случајот на Еуростандард банка, нагласувајќи дека сегашниот пристап е насочен кон заштита на средствата и одржување на банкарските услуги до изнаоѓање нов сопственик.
(С. Бл.)












