Град Скопје ќе ги ослободи младите брачни парови до 40 години од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот, при изградба на нивната прва семејна куќа.
– Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Со оваа мерка, младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, односно 60 % од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека доколку се приклучат сите скопски општини со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100 % ослободување од комуналии!
Притоа, ги повика градоначалниците на скопските општини да застанат заедно зад оваа цел и на тој начин да им се олесни патот до сопствен дом на што повеќе семејства.
– Помалиот финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот – нагласи Ѓорѓиевски.
Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.
– Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина – дециден е Ѓорѓиевски.
Освен тоа, на денешната седница, Советот на Град Скопје даде зелено светло полскиот нуркач Бартломиеј Питала да биде прогласен за почесен граѓанин на Скопје, за подвигот во подводната пештера Врело на Матка и за придонесот во меѓународната промоција на градот. Во рамките на меѓународната експедиција „Врело 2026“, Питала достигна длабочина од 338 метри. Подвигот го оствари со поддршка на тим нуркачи од Македонија, Полска и од Италија. Со ова нуркање, Врело станала најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.
Со ова признание, Скопје му оддава заслужена почит на човекот што ги помести границите на истражувањето и ни даде уште една голема причина за гордост.
(А. П.)












