Пандорче АНТЕСКА
Утринската навалица во вакциналниот пункт „Идадија“ деновиве е поголема од вообичаено. Родители со деца чекаат за проверка на вакциналните картони и за примање на МРП- вакцината откако по појавата на пет случаи на мали сипаници во Скопје здравствените власти упатија нови апели за имунизација. Во чекалницата има и родители што досега ја одложувале или одбивале вакцинацијата, но сега решиле да ги заштитат децата.
Докторката Елена Чуркоска-Трајковска од вакциналниот пункт „Идадија“ вели дека оваа недела тројно е зголемен бројот на вакцинирани деца. Најголемата навалица е во утринските часови, до пладне, што, според неа, покажува дека почнуваат да допираат апелите до родителите.
– Она што нè радува е што допираат апелите до свеста на родителите и што доаѓаат деца на возраст од 22, 23, 24 месеци, чии родители претходно одбивале да ги вакцинираат. Редовно доаѓаат и родители со доенчиња. Првата доза се прима на возраст од една година, а втората – до шестгодишна возраст, пред поаѓањето на училиште. Потребни се двете дози за да се постигне траен имунитет – вели Чуркоска-Трајковска.
Но, не сите родители можат веднаш да ја завршат вакцинацијата. Еден од родителите што го затековме во пунктот вели дека постојано му е болно детето, па ја одложуваат вакцинацијата, а во градинката им бараат вакцинален картон.
– Сè се разболува, не можеме да го вакцинираме, а ни бараат вакцинален картон – вели родителот.

Токму честите настинки и други инфекции се една од причините поради кои родителите ја одложуваат имунизацијата. Во градинките, пак, по добиените препораки за превенција од мали сипаници, почнаа да ги известуваат семејствата чии деца немаат примено МРП-вакцина дека треба да се јават во вакциналните пунктови. Невакцинираните деца не се враќаат од градинка, туку се испраќаат дома оние што имаат симптоми на заболување, дури и кога станува збор за обична настинка. Во известувањето до родителите се наведува дека Институтот за јавно здравје и Министерството за социјална политика, демографија и млади доставиле протокол за превентивни мерки за заштита од мали сипаници, според кој треба да постапуваат јавните установи. Од родителите се бара да го проверат вакциналниот статус на децата и доколку ја немаат примено МРП-вакцината, да се јават во вакциналниот пункт, стои во препораката.
Докторката Чуркоска-Трајковска вели дека проблем останува и недоволната информираност. Дел од родителите ги мешаат малите сипаници со варичела, алергии или со други детски заболувања и наместо да побараат лекарски совет, се консултираат со роднини и со пријатели, од каде што често добиваат неточни информации.
– Сè уште има родители што ја поврзуваат МРП-вакцината со аутизмот и ја одложуваат вакцинацијата додека не прозбори детето. Тоа е погрешно толкување. Денес има деца, особено момчиња, кои почнуваат течно да зборуваат подоцна, но тоа не е причина да се одложува имунизацијата. Родителите треба да бидат свесни дека малите сипаници се исклучително заразно заболување и дека последиците може да бидат сериозни – предупредува докторката.
Заразноста на вирусот е една од причините поради кои инсистираат здравствените власти на висок вакцинален опфат. Епидемиолошкиот репродукциски број на морбилите е околу 18, што значи дека едно заразено лице може да инфицира до 18 лица што немаат имунитет. Болеста не е само минливо исипување и температура. Може да предизвика воспаление на средното уво, оштетување на слухот, тешка пневмонија и воспаление на мозокот – енцефалитис. Особено е висок ризикот кај доенчињата, кај кои заболувањето може да заврши и фатално.
Дека ситуацијата бара внимателно следење, предупредува и директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска. Таа вели дека веќе се подготвени протоколи за постапување доколку се зголеми бројот на заболени деца и дека вакциналниот опфат останува сериозен проблем.
– Вакциналниот опфат е загрижувачки и изнесува околу 60 проценти, а потребно е да биде над 95 проценти за да бидеме сигурни дека има населението соодветна заштита. Родителите треба да проверат дали се вакцинирани нивните деца согласно со возраста и календарот за имунизација, со особено внимание на децата што ја пропуштиле редовната вакцинација. Во овој момент постои зголемен ризик од појава на дополнителни случаи и можност за локално ширење на малите сипаници во Македонија – вели Андоновска.
Според последните информации, до затворањето на весникот, нема нови регистрирани случаи на мали сипаници. Сепак, од ИЈЗ посочуваат дека не значи тоа дека е поминат ризикот. Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека нема да се применуваат присилни мерки за вакцинација, бидејќи искуствата од минатото покажале дека таквиот пристап може да има контраефект. Наместо тоа, здравствените власти се потпираат на апелите и на информирањето на родителите. Тројно поголемиот број вакцинирани деца во „Идадија“ покажува дека дел од родителите, сепак, ја менуваат одлуката.












