Град Скопје годинава планира да потроши 4,5 милиони денари со вклучен ДДВ за новогодишно украсување. Како што информираа градските власти, веќе е објавена јавна набавка за украсување. Според тендерската документација, централно место во празничната декорација ќе има елка висока 13 метри, која, според техничките спецификации, треба да изгледа како природна елка. Празничниот амбиент ќе го надополнат тродимензионална санка исполнета со подароци, во која ќе можат да влезат и да се фотографираат посетителите, два светлосни балони високи по 3,5 метри, како и фигура на Дедо Мраз

 

Град Скопје годинава планира да потроши 4.500.000 денари со вклучен ДДВ за новогодишно украсување. Како што информираа градските власти, веќе е објавена јавна набавка за украсување.

Според тендерската документација, централно место во празничната декорација ќе има елка висока 13 метри, која, според техничките спецификации, треба да изгледа како природна елка. Предвидени се и повеќе големи светлосни инсталации, меѓу кои елен висок околу четири метри, декоративен подарок повисок од шест метри и два светлосни портали.

Празничниот амбиент ќе го надополнат и тродимензионална санка исполнета со подароци, во која ќе можат да влезат и да се фотографираат посетителите, два светлосни балони високи по 3,5 метри, како и фигура на Дедо Мраз. Техничката спецификација предвидува и околу сто светлосни букети, новогодишен венец наменет за фотографирање, украсување на канделабрите со светилки и поставување декоративни светлосни елементи во форма на мразулци. По завршувањето на тендерската постапка и изборот на изведувач, треба да бидат познати и местата во главниот град каде што ќе бидат поставени новогодишните украси.

Инаку, минатогодишното украсување на Скопје го реализираше компанијата „Линк медија плус“, со договор вреден 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со вклучен данок.

Што се однесува на изборот на изведувачите и на учесниците во новогодишната програма, градските власти информираа за весникот ВЕЧЕР дека е во тек подготовка на посебна јавна и транспарентна постапка, која, како што велат, ќе биде објавена во најкраток можен рок, преку соодветните законски механизми.

– Градот Скопје и во овој процес им останува доследен на принципите на законитост, транспарентност, отчетност и еднаков третман на сите заинтересирани субјекти. Нашата определба е сите постапки да се спроведуваат јавно, отворено и во согласност со важечката законска регулатива, со цел да се обезбедат еднакви можности за учество на сите заинтересирани правни и физички лица, во рамките на законски утврдените услови – истакнуваат градските власти.

Дополнително, потенцираат дека сите активности поврзани со организацијата и со реализацијата на новогодишната програма ќе се одвиваат низ јасно утврдени процедури, а јавноста и сите заинтересирани страни ќе бидат навремено информирани за текот на постапките и за понатамошните чекори.

– Градот Скопје му останува посветен на одговорното, законско и транспарентно управување со јавните средства, при што секоја постапка се спроведува во интерес на граѓаните и со почитување на принципите на еднаквост и јавна отчетност – потенцираат градските власти.

Инаку, новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ лани предизвика реакции во јавноста, а социјалните мрежи беа вжештени од коментари поради необичните прозорчиња и невообичаениот изглед.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ