Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 30-годишен маж поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.
Според Јавното обвинителство, осомничениот, кој претходно работел во фирма во Трубарево, со нож им се заканувал на сопружниците – сопственици на компанијата, барајќи да му бидат исплатени неисплатените дневници.
Инцидентот се случил на 21 јули попладне, кога сопружниците со автомобил го напуштале кругот на фирмата. Осомничениот им го пресекол патот, застанувајќи пред возилото со нож во рацете. Потоа агресивно замавнувал со ножот, ги навредувал и им упатувал закани, по што ја исекол левата задна гума од автомобилот.
Според Обвинителството, сопругот се обидел да ја смири ситуацијата, додека неговата сопруга, исплашена, избегала во казино во близина, од каде што повикала полиција.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки за претпазливост за осомничениот, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и комуникација со оштетените.












