Голем број граѓани, советници и вработени во општинската администрација се приклучија на доброволната акција за чистење „Заедно за чист Карпош!“, која викендот се реализираше на повеќе локации низ територијата на општина Карпош.

– Со цел акцијата да се спроведе поефикасно и да опфати повеќе јавни површини, учесниците беа организирани во три работни тимови, кои истовремено работеа на три локации: Козле – просторот околу споменикот КЈП во Козле, спроти „Алумина“, Лептокарија – јавните површини во ТЦ Лептокарија и Карпош 3 – јавните површини спроти зградата на Општина Карпош – информираа од локалната самоуправа.

Притоа наведуваат дека на сите три локации учесниците собирале паднати гранки, лисја и ситен отпад, со што, како што велат, придонеле за уредување на јавните површини и создавање почиста и поуредна животна средина за сите жители на Карпош.

– Во акцијата активно учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој заедно со граѓаните, советниците и општинската администрација, беше дел од работните тимови и лично се вклучи во чистењето. „Заедно за чист Карпош!“ е пример за заедничка посветеност, одговорност и директна работа во интерес на граѓаните – нагласуваат општинските власти.

Според нив, акцијата уште еднаш покажала дека кога локалната самоуправа и граѓаните работат заедно, резултатите се видливи и придонесуваат за подобар квалитет на живот во локалната заедница.

Општина Карпош упати благодарност до сите карпошани кои се приклучиле на акцијата и со своето учество дале придонес кон почист, поуреден и поубав Карпош.

ИЗДВОЕНИ