вторник, јули 7, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА За власта, ребалансот е развоен, а опозицијата и „Фајнанс тинк“ предупредуваат на...

За власта, ребалансот е развоен, а опозицијата и „Фајнанс тинк“ предупредуваат на поголем долг

0

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година, за кој се поднесени 224 амандмани. Согласно со Деловникот, расправата може да трае најмногу десет работни дена, по што предлогот ќе се најде на пленарна седница.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, оцени дека ребалансот е „економски манифест“ на Владата и доказ за „одговорно домаќинско и стратешко управување со државната каса“. Според него, зголемените буџетски приходи, рекордната наплата на царини и повисоките капитални инвестиции покажуваат дека економијата е раздвижена, а средствата се насочуваат во инфраструктурни проекти, земјоделството и социјалната заштита.

– Овој ребаланс не е обично прераспределување на бројки, туку документ што покажува како парите на граѓаните се враќаат назад кај граѓаните, рече Ристески, додавајќи дека во земјава во моментов се реализираат околу 1.200 проекти.

Опозицијата е со спротивен став. Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, оцени дека Владата создава привид на штедење, додека ги крати средствата за развојни програми, инвестиции, поддршка на стопанството, младите и демографските политики.

– Имаме буџет без реформи, со повеќе долгови. Наместо стабилизација, се создава нов фискален ризик, рече Тренчевска, предупредувајќи дека расходите растат побрзо од приходите и дека разликата повторно ќе се покрива со нови задолжувања.

На ризиците од ребалансот предупредува и Институтот за економски истражувања и политики, „Фајнанс тинк“. Во анализата се оценува дека проекцијата за економски пораст од 3,5 проценти е преценета, додека ревидираната инфлација е пореална. Според Институтот, и покрај пониската проекција за пораст, Владата не ги коригирала очекувањата за буџетските приходи, што, според нив, потврдува дека првичниот Буџет бил заснован на преоптимистички проекции.

„Фајнанс тинк“ оценува дека дополнителниот фискален простор речиси целосно се создава преку повисок буџетски дефицит и ново задолжување. Како позитивен елемент го издвојува зголемувањето на капиталните инвестиции за 14,5 проценти, но предупредува дека нивната реализација ќе биде клучна за оправданоста на ребалансот.

– Во спротивност, повисокиот јавен долг ќе создаде трајно повисоки расходи за негово сервисирање, без соодветен придонес кон идниот економски пораст, предупредуваат од „Фајнанс тинк“.

Со ребалансот се предвидува вкупните приходи да достигнат 379,2 милијарди денари, расходите 425,2 милијарди денари, капиталните инвестиции околу 46 милијарди денари, а буџетскиот дефицит 4,1 процент од БДП.

ИЗДВОЕНИ