Свечено облечен, како што доликува, Боби ги пееше безвремените хитови од репертоарот на многу македонски пејачи, но најмногу од Драган Мијалковски и Зафир Хаџиманов. Публиката стана и весело заигра на незаборавната песна „Како Вардар ќе дотечам, на раце ќе те однесам…“
Многу добро го паметиме уште од пред две години, кога нашиот поп-пејач Бобан Цаневски победи во Белград во балканското шоу „Никогаш не е доцна“. Тогаш во финалето пееше песна од репертоарот на прерано починатиот рок-пејач Аки Рахимовски и со својата изведба ги воодушеви буквално сите.
–
Во меѓувреме, многу работи се сменија во позитивна насока во кариерата на Цаневски. Тој и самиот, ден-денес, го признава тоа. – Да бидам сосема искрен, по победата во „Никогаш не е доцна“ ме дознаа многу луѓе, добив нова многубројна публика, постојано ме бараат за настапи, прослави, забави. Сето тоа ме радува.
Како што и нас, новинарите, нè израдува кога ја добивме поканата да бидеме дел од неговиот солистички концерт, кој завчера се одржа во фантастичен амбиент во Музејот на македонската борба. И тоа пред преполна сала. Незаборавно музичко доживување. Едночасовната програма исполнета исклучиво со македонски евергрини, неколку фолк песни и две песни од странските пејачи, меѓу кои најпознатата што секаде се пее и денес, песната „My way” („Мојот пат“) од репертоарот на легендарниот Френк Синатра. Во силна машка интерпретација на Боби, овој светски хит доби една поинаква интересна форма, приспособена и за местото и за просторот во кој настапи пејачот. Свечено облечен, како што доликува за ваквите концерти, Бобан совршено ги пееше безвремените хитови од репертоарот на многу македонски пејачи, но најмногу, со причина, од репертоарот на славниот Драган Мијалковски, но и на легендарниот Зафир Хаџиманов. Публиката стана и весело заигра на незаборавната песна „Како Вардар ќе дотечам на раце ќе те однесам…“ 
Се случи прекрасна интеракција со членовите на бендот, од почеток до крај. А, бендот е составен од врвните маестра Филип Шурбиевски-Чорба на тапани, Ристе Апостолов на виолина, Дарко Димитриевски на бас-гитара, Андреј Цаневски на гитара, Илија Јаневски на клавијатури и Гоце Димовски на кавал. Сето тоа, проследено со емоции и уметничко доживување, е уште еден доказ за заслуженото позиционирање на Цаневски во естрадниот врв на Македонија.
Навистина, таа летна ноќ, со своето пеење и со прославата на својот 50-ти роденден, се славеше и македонскиот евергрин. Но воедно и трудот, љубовта и вербата дека уметноста на Бобан е вечна, бидејќи ја создава искрено, со душа.
Дуле МИЌИЌ












