Заменик-политичкиот командант на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) Џадолах Џавани денес изјави дека контролата врз суверенитетот над Ормускиот теснец е стратешки поважна за Иран отколку нуклеарното оружје.
– Остварувањето суверенитет над Ормускиот теснец е стратешки поважно оружје од нуклеарното оружје, бидејќи му овозможува на Иран да ги казни агресорите – рече Џавани, како што објави порталот Иран Интернешнл.
Коментирајќи ја војната на Иран против САД и Израел, тој оцени дека војната е неизбежна и дека Иран не бил изненаден.
– Отсекогаш сме се подготвувале за таква конфронтација – рече тој.
Според него, војната му донела на Иран одредени „благослови“.
– Иран не само што се одбрани, туку и излезе од оваа војна како глобална сила – рече Џавани.
Претходно денеска, Си-Ен-Ен објави дека Иран е подготвен да испали многу повеќе ракети со долг дострел кон Израел и другите земји од Блискиот Исток откако брзо ќе ги ископа своите подземни складишта за ракети, истакнувајќи ги ограничувањата на американската стратегија за бомбардирање.
Од прекинот на огнот пред повеќе од седум недели, напорите на Иран да ги ископа базите значително се забрзаа, а CNN, прегледувајќи сателитски снимки, откри дека Иран сега отпушил 50 од 69-те влезови на тунели што САД и Израел ги погодија во 18 подземни ракетни објекти.
Иран, исто така, поправил и други делови од базите, вклучувајќи ги и патиштата што САД и Израел ги бомбардираа за да спречат ракетните лансери да ги користат, а сателитските снимки покажуваат дека речиси сите овие кратери сега се пополнети, а на две места дури и повторно асфалтирани.












