Вишиот суд во Ниш одреди притвор во траење од 30 дена за седум полициски службеници од Бор. Тие беа уапсени на 14 ноември под сомнение дека им нанеле тешки телесни повреди, ги малтретирале и ги мачеле Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ – осомничени за убиството на малата Данка Илиќ – додека тие се наоѓале во притвор во Полициската управа во Бор, како дел од истрагата за случајот.
Портпаролката на Вишиот суд во Ниш, изјави за новинската агенција „Бета“ дека на седумте полициски службеници им е одреден притвор врз основа на неправосилно решение донесено од судијата за претходна постапка.
Според неа, притворот е одреден „врз основа на одредбите од член 211, став 1, точки 2, 3 и 4 од Кривичниот законик“.
Согласно Кривичниот законик, полициските службеници од Бор се задржани во притвор поради опасност од повторување на кривичното дело, опасност од влијание врз доказите или сведоците, како и поради тежината на делото, начинот на неговото извршување и вознемиреноста на јавноста што произлегла од тоа.
Во соопштението во врска со апсењето на седумте полициски службеници во саботата, на 14 ноември, Вишото јавно обвинителство во Ниш наведе дека јавниот обвинител претходно издал наредби за апсење на сите осомничени, но припадниците на Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи не постапиле по тие наредби. Минатата недела, Обвинителството во Ниш нареди апсење на осум полициски службеници осомничени дека му нанеле тешки повреди на Далибор Драгијевиќ (40) – брат на осомничениот Дејан Драгијевиќ – во просториите на Полициската управа во Бор; тој подоцна, на 7 април 2024 година, починал како последица на тие повреди.
Вишиот суд во Ниш и за нив одреди притвор во траење од 30 дена.












