Од Општината информираат дека со пријавите се бара Обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот. Воедно, се бара да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со пропустите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните. Воедно, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски ги повика сограѓаните на мирен граѓански протест в сабота,  во 11 часот, на клучката кај мотелот „МКД“

 

Општина Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, денеска поднесе неколку кривични пријави до надлежното јавно обвинителство поради непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот.

Ова го соопшти градоначалникот, Сашко Митовски, во обраќањето пред Основниот суд во Крива Паланка, во присуство на мештани чии семејства трпат штети од стадата што се движат без надзор.

Од Општината информираат дека со пријавите се бара обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот. Воедно, се бара да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со пропустите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.

– Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок. Сè уште не знаеме кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми ја дадат потребната надлежност за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот. До денес немам одговор ни на тоа барање – изјави Митовски.

Општината поднесе и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање да се испита дали во овој случај постојат елементи на корупција. Исто така, до Државниот управен инспекторат поднесе и барање за вонреден инспекциски надзор за да се утврди кои дејства биле преземени по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.

Митовски посочи дека, додека семејствата чекаат надлежните да постапат, стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата. Деновиве добиток бил забележан и во дворот на средното училиште во Крива Паланка.

Градоначалникот ги повика сограѓаните на мирен граѓански протест в сабота, 21 ноември, во 11 часот, на клучката кај мотелот „МКД“.

– Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Да ставиме крај на ова понижување за кое ни се смее светот – порача Митовски.

ИЗДВОЕНИ