четврток, септември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВТОРИОТ ЧОВЕК НА „ИНТЕГРАТИВЦИТЕ“ ЈА ПОДГРЕА ТЕМАТА ЗА ПРЕДВРЕМЕНОТО ГЛАСАЊЕ: Тајни средби...

ВТОРИОТ ЧОВЕК НА „ИНТЕГРАТИВЦИТЕ“ ЈА ПОДГРЕА ТЕМАТА ЗА ПРЕДВРЕМЕНОТО ГЛАСАЊЕ: Тајни средби или јавни невистини, има ли договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ?

Додека ексминистерот и актуелен потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, јавно зборува дека имало такви контакти, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ тоа категорично се демантира. До ова доаѓа во ситуација кога премиерот Христијан Мицкоски неодамна упати предизвик до опозициските партии да побараат одржување на предвремени избори, а што тој веднаш ќе го прифати

1

Имало договарање меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ околу одржувањето предвремени парламентарни избори напролет в година или не? Оваа дилема се појави по различните информации до кои дојдоа од партиските табори на „интегративците“ и на владејачката партија. Додека ексминистерот и актуелен потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, јавно зборува дека имало такви контакти, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ категорично  демантираат. До ова доаѓа во ситуација кога премиерот Христијан Мицкоски неодамна упати предизвик до опозициските партии да побараат одржување на предвремени избори, а што тој веднаш ќе го прифати. Опозициските партии ДУИ и Левица тогаш соопштија дека бараат одржување на предвремено гласање на граѓаните, но од СДСМ изјавија дека „нема да бидат алиби за нивно одржување“. Опозициските социјалдемократи, денеска, пак, оценија дека се потврдува она што го зборувале, дека прашањето на изборите е прашање на политичките договори и интереси меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Со ова, темата на предвремените парламентарни избори одново се враќа во фокусот на јавноста во ситуација кога премиерот Мицкоски сè уште категорично не се изјаснил дали барањата на две од три поголеми опозициски партии се доволна причина да се оди на ново гласање.

Тврдење дека се комуницирало во различни форми и демант

Вториот човек на „интегративците“, Бујар Османи, синоќа соопшти дека партијата очекува предвремени парламентарни избори веќе следната пролет и потврди дека имало комуникација со претставници на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема. Во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Османи беше прашан дали ДУИ бара предвремени избори и дали за тоа разговарале со претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– Да, бараме, одговори Османи, коментирајќи ја и фрлената ракавица на премиерот Мицкоски дека ќе прифати избори доколку побара опозицијата.

Според Османи, веќе имало различни форми на комуникација меѓу политичките партии, а неговата процена е дека кај ВМРО-ДПМНЕ нема голем отпор кон можноста за предвремено парламентарно гласање.

– Нормално, во различни форми се комуницирало и кај нив. Нема некој голем отпор во таа насока и очекуваме дека следната пролет ќе има предвремени избори. И, ние се подготвуваме за тоа – изјави Османи, кој не откри со кого конкретно се воделе разговорите, ниту дали биле одржани официјални состаноци меѓу претставници на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. На директното прашање дали имало официјални средби, Османи не сакаше да навлегува во детали.

Но, по ова следуваше и категорично негирање од редовите на владејачката партија и тврдење дека немало комуникација со претставници на оваа опозициска партија во врска со можноста за предвремени парламентарни избори.

– Немало комуникација со ДУИ за предвремени избори. А најмалку ни паѓа на памет да комуницираме со Бујар Османи за вака сериозни теми. Очигледно, помеѓу две националистички и измислени теми, Бујар  повторно смислува начин како да биде актуелен во јавноста – изјавија вчера во ВМРО-ДПМНЕ.

Владината портпаролка, Марија Митева, денеска изјави дека Османи шири или провокации или невистини.

– Апсолутно немаме никаква комуникација со ДУИ, најмалку со Бујар Османи. Очигледно е дека сака да биде активен, а ако не е етничка провокација, тогаш шири невистини – рече Митева.

Политички договори и интереси

Ваквата комуникација меѓу двете партии предизвика реакција и на лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче.

– Се потврди она што го кажав за договорите за избори меѓу ВМРО и ДУИ. Прашањето за изборите не е прашање на желба на премиерот, туку на политичките договори и интереси. Нашиот став е непроменет. Избори ќе има тогаш кога ќе снема пари. Кога ќе снема пари за партиски тендери – рече Филипче.

Тој посочи на милионските суми што се трошат и најави дека прашањата поврзани со власта и нејзиното работење ќе бидат предмет на понатамошни постапки.

– Ние сме спремни, кога и да бидат изборите. Но, нема да даваме причина за тоа, затоа што изборите не се прашање на желба на премиерот, кој сега има огромно мнозинство од две третини во парламентот, кој требаше и можеше да заврши крупни прашања за граѓаните и за државата, а тој реши да не прави ништо. Власта реши да се занимава со криминални партиски тендери и да ги блокира сите процеси. Кога што гледате, многу од работите што ги најавувавме, се случија – нагласи Филипче, додавајќи дека Владата речиси ништо не исполнила од предизборните ветувања.

Реакција дојде и од редовите на партијата Вреди, која е дел од владината коалиција. Оттаму му порачаа на Бујар Османи дека е опседнат со власта.

– Оваа нереформирана ДУИ никако да ја разбере пораката што Албанците ѝ ја испратија пред една година, со десет општини запишани на контото на Вреди. Продолжува по старо, со истите „фотелјаши“ што ја однесоа во пораз. Бујар Османи, како губитник на изборите и со илјадници денови стаж во власта, сè уште мисли дека Албанците им должат вечна власт. Односно, дека треба да продолжат таму каде што застанаа, со „Соравија“, трговијата со мазут и скандалот со европските фондови во Зајас, се нагласува во партиското соопштение.

Темата за предвремените парламентарни избори досега е повеќепати актуализирана во јавноста, при што премиерот Мицкоски постојано изјавуваше дека владејачката коалиција е подготвена за нив. Минатиот месец, упатувајќи ја поканата до опозиција да побара гласање, кажа и дека граѓаните во моментов не бараат предвремени парламентарни избори, туку очекуваат продолжување на реформите. Но, сепак, кажа дека нема да бегаат од изборите како „кукавици“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ