ПАРИТЕ ЗА ЈУБИЛЕЈНАТА ПРОСЛАВА НА НЕЗАВИСНОСТА НЕ ДОШЛЕ ДИРЕКТНО ОД ТРЕЗОРОТ
За прославата на 35 години независност не биле потрошени средства директно од државниот Буџет, но потрошените 5 и пол милиони евра се реални. По реакциите во дел од јавноста и од опозицијата, кои бараат Владата да ја објави целосната документација – записникот од 167. седница и податоците за поединечните исплати за прославата, владината портпаролка, Марија Митева, истакна дека 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, а дополнителни 40 милиони денари од општествено одговорни компании. Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, појасни дека станува збор за компаниски средства, а не за буџетски пари, бидејќи средствата би станале буџетски дури по нивно уплаќање во трезорската сметка. Тој посочи и дека, иако Законот за спонзорства и донации не го бара тоа, била формирана комисија и бил објавен јавен повик заради поголема транспарентност и конкурентност. Компанијата „Авалон“ била единствената што доставила понуда
Средствата за прославата на 35 години независност не биле земени директно од Буџетот, туку од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, истакна денеска портпаролката на Владата, Марија Митева. Според неа, тоа значи дека за реализацијата на настаните за прославата не се потрошени буџетски пари, иако Државна лотарија е компанија во државна сопственост. Но и Митева потврди дека била потрошената сума од 5 и пол милиони евра.

Митева појасни дека во согласност со заклучокот од 167. седница на Владата, со кој се утврдиле конкретните активности што треба да се реализираат во рамките на прославата по повод 35 години независност, на Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните, како и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани.
– Дополнително, сакам да појаснам дека во вкупната финансиска конструкција на прославата учествуваа и дополнителни средства во висина од 40 милиони денари, обезбедени од општествено одговорни компании кои се приклучија кон реализација на настаните. Тоа не се средства од државниот Буџет, туку средства од компании кои во изминатиот период беа јавно присутни во рамки на одбележувањето на прославата и јавно го објавуваа своето учество и својата поддршка. И овој дел од финансиската конструкција не е нешто што денеска го откриваме или нешто што било скриено од јавноста, туку станува збор за поддршка која граѓаните имаа можност да ја видат и да ја следат во текот на целиот период, рече Митева.
Портпаролката на Владата оцени дека со прославата се покажало дека државава може да организира настани од светски размери, граѓаните да имаат можност да ги следат да бидат дел од нив во својата држава.
– Ќе ми дозволите тука да направам една важна споредба, Перпарим Бајрами, Артан Груби 8,2 милиони „во воздух“, тоа се средства кои не завршија кај граѓаните, а ова се средства со кои ја донесовме прославата пред граѓаните, спореди владината портпаролка.
Митева појасни дека на 4 мај, Државната лотарија го објавила јавниот повик со утврдени услови што треба да ги исполнува понудувачот и на тој повик единствена доставена понуда била на правниот субјект „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, кој работи под трговската марка „Авалон интернешенал букинг“.
Митева истакна дека Давид Гета беше еден сегмент од целата прослава и кулминација на програмата, а не замена за македонската култура и македонските уметници.
– Приближно 95 проценти од целокупната програма беа македонски изведувачи, македонски сценски содржини, со што практично покажавме дека домашната музичка, сценска и театарска сцена има капацитет да организира и да реализира содржини на ниво кое може да биде споредувано со најголемите интернационални продукции. Сметам дека тоа е една од најзначајните пораки затоа што целта не беше само да донесеме светски имиња во Македонија, туку да покажеме и дека македонските уметници заслужуваат голема сцена, голема публика и сериозна продукциска поддршка, рече Митева.
„Клаузула“ е колку бил платен Дејвид Гета
Портпаролката на Владата не одговори конкретно на новинарското прашање колку точно бил платен Гета, туку истакна дека тоа се договорни обврски помеѓу реализаторот и изведувачот и дека постојат клаузули за истите.
Директорот на АД „Државна лотарија“, Алкесандар Климовски, објасни дека Државна лотарија е посебен правен ентитет и дека парите се на компанијата, а не буџетски, сè додека преку одредена процедура не бидат уплатени во трезорската сметка.
– Ова спонзорство е дадено според Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Имено, станува збор за средства од 300 милиони денари, кои беа на ставката нераспределена добивка и беа компаниски пари. Значи, тие се пари на самата компанија, а Лотарија има посебен правен субјективитет. Парите ќе станат буџетски кога низ одредена процедура и со одредени одлуки ќе дојдеме до точката да ги исплатиме тие пари во трезорската сметка. Сè додека не се донесат одлуки низ таа процедура, тие не буџетски туку се компаниски пари, рече Климовски.
Тој додаде дека за целосна транспарентност, се почитувале и процедурите што не ги бара Законот за спонзорства.
– За да биде транспарентно давањето на спонзорство, отидовме над законот и формиравме комисија, објавивме оглас. Не го бара ова законот, но заради заштита на компаниските пари и заради подигнување на степенот на конкурентност и транспарентност, отидовме над барање утврдено во законот, рече Климовски.
Директорот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, зборуваше за успешната реализација на проектот „Силно светнал ден“ и за концертот на Дејвид Гета.
– Ние сме многу горди и задоволни што иако сме правеле многу големи проекти со 20, 25, 30, 40 илјади посетители, сепак, во нашава Македонија го направивме најголемиот проект, тоа е проектот со Дејвид Гета. Можеби проектот со Дејвид Гета вам ви изгледа непотребен, но ќе кажам што беше интенцијата со Дејвид Гета. Ова што го направивме ние со Дејвид Гета во Скопје е наполно исто како, да речеме, во Стајковци да се организира трка за Формула 1 по сите можни потребни атрибути што ги бара Формула 1, рече Милошески.
Обвинувања
Претходно, на прес-конференцијата вчера, лидерот на опозицискиот СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски, како што рече, излажал и дека прославата за независноста чинела 5 милиони евра народни пари.
– Мицкоски изјави дека за оваа прослава не бил потрошен ниту еден денар народни пари. Но, од 167. седница на Владата излезе на виделина дека „АД Државна лотарија“, која е стопроцентно во сопственост на државата, треба да ја организира прославата со пет милиони евра народни пари, пари на граѓаните, рече Филипче.
Тој нагласи дека средствата со кои располага Државната лотарија не се приватни пари или донации, туку пари што им припаѓаат на граѓаните. Според Филипче, дополнителен сомнеж отвора нетранспарентната постапка преку која е избрана компанијата што го организирала настанот. Филипче побара Владата веднаш да ги објави записникот од 167. седница, целата документација за постапката и поединечните исплати на сите учесници во прославата.
По реакциите во дел од јавноста и барањата да се објават податоците за вкупните трошоци за организирањето на манифестациите ширум државата по повод Денот на независноста – 8 Септември, премиерот Христијан Мицкоски, во средата изјави дека не е потрошен ниту еден денар од средствата на граѓаните или, пак, од државниот Буџет за манифестациите, туку трошоците биле покриени од страна на општествено одговорни компании.
– Имам лоша вест за сите оние што шпекулираа, негодуваа, лиферуваа лажни информации. Досега молчев, не сакав да зборувам, затоа што оставав сето она што претставува навистина посебен момент за граѓаните во тие градови. Лошата вест е дека сите овие настапи го чинат буџетот нула денари. И граѓаните и буџетот, сите овие настани ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на „Отворени финансии“ и ќе видите. Сè е организирано од општествени одговорни компании. Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат дека и некој друг прави онака како што би правеле тие. Но, оваа Влада е домаќинска, народна и промакедонска, која се грижи за граѓаните и за буџетските средства до денар да се трошат на транспарентен начин. Лошата вест за нив е дека се потрошени нула денари за организација на сите овие настани, а сепак имаме незаборавно лето – објасни премиерот.
Тој додаде дека во земјава имало историско лето за паметење, во кое голем број светски ѕвезди настапија по градовите низ државата. (В. С. Н.)












