четврток, септември 10, 2026
Дома СВЕТ Републиканците на собир во Далас договараат што треба да задржат, а што...

Републиканците на собир во Далас договараат што треба да задржат, а што да исфрлат од трампизмот за да победат на среднорочните избори

16
EPA/JEFF MCWHORTER

На собирот, кој е неформално наречен „Трампапалуза“ – игра на зборови што алудира на еден вид голем политички спектакл на Трамп – според сите извештаи, ќе има малку јавни разговори за ерата по Трамп. Сепак, партиските претставници изјавија за „Ројтерс“ дека очекуваат темата да се појави во разговорите зад затворени врати меѓу донаторите, стратезите и пратениците и да обезбеди важен контекст за говорот на Венс

 

Републиканците што се собираат во Далас оваа недела ќе го слават претседателот Доналд Трамп и ќе се обидат да мобилизираат поддршка пред среднорочните избори, но лошиот резултат на 3 ноември би можел дополнително да ја разгори веќе почнатата дебата за тоа кој ќе го наследи и што ќе се случи со партијата што ја трансформираше, пишува „Ројтерс“.

Како што е познато, на Трамп му е уставно забрането да се кандидира за трет мандат, а за главен републикански фаворит за негов наследник се смета потпретседателот, Џ. Д. Венс. Откако на собирот денеска Трамп зборуваше цели два часа ставајќи се во центарот на претстојните избори, утре, по македонско време, главниот говор треба да го одржи Венс. Се смета дека она што ќе го каже би можело да послужи како еден вид рана аудиција за претседателските избори во 2028 година и понуда на индиции за тоа како би ја водел партијата. Неколку републиканци изјавија за „Ројтерс“ дека клучното прашање е кои елементи на трампизмот треба да преживеат, со поделбите што веќе се наѕираат околу царините, странската интервенција и досегот на неговата популистичка агенда. На собирот, кој неформално е наречен „Трампапалуза“ – игра на зборови што алудира на еден вид голем политички спектакл на Трамп – според сите извештаи, ќе има малку јавни разговори за ерата по Трамп. Сепак, партиските претставници изјавија за „Ројтерс“ дека очекуваат темата да се појави во разговорите зад затворени врати меѓу донаторите, стратезите и пратениците и да обезбеди важен контекст за говорот на Венс.

Ејми Крамер, членка на Републиканскиот национален комитет од Џорџија за „Ројтерс“ изјави дека дискусиите за иднината на партијата траат со месеци. Иако војната во Иран ги вознемири некои од поддржувачите на Трамп, таа очекува неговото влијание да остане силно.

– Тие разговори дефинитивно се случуваат. Всушност, тие веќе некое време траат меѓу базата на гласачи, бидејќи има поделби, а имаме многу силни потенцијални лидери. МАГА ја промени Републиканската партија и нема враќање назад, рече таа.

Откако победи на претседателските избори во 2016 година, Трамп напушти некои од долгогодишните позиции на републиканците, како што се залагањето за слободна трговија, проширувањето на поддршката на партијата меѓу гласачите од работничката класа и честопати ја ставаше личната лојалност пред идеолошката конзистентност. Иако ја преобликуваше партијата, Трамп никогаш не изгради кохерентна политичка филозофија врз која ќе го темели своето управување. Ниту еден од републиканците интервјуирани од „Ројтерс“ не очекува враќање на интервенционистичката надворешна политика и традиционалното застапување на слободниот пазар на поранешните претседатели Џорџ В. Буш и Роналд Реган. Наместо тоа, тие очекуваат цврстиот пристап на Трамп кон имиграцијата, скептицизмот кон слободната трговија и недовербата кон институциите да продолжат, со поголем фокус на освојување на гласачите од работничката класа со популистичка порака. Најголемите дебати, велат тие, веројатно ќе бидат за тоа дали Трамп отишол предалеку со агресивни тарифи и воени интервенции во Иран и Венецуела. Војната во Иран би можела да стане точка на спор бидејќи е во спротивност со предизборното ветување на Трамп за избегнување нови војни во странство.

Многу републиканци го гледаат 42-годишниот Венс како главен наследник на политичкото движење на Трамп, поради неговата младост и блискост со популистичкото крило на партијата, кое се спротивставува на политичкиот естаблишмент и има зголемено влијание меѓу републиканците. Рубио (55), од друга страна, ѝ припаѓа на потрадиционалното крило на партијата и се залага за построга надворешна политика. Освен нив, и други републиканци се обидуваат да се позиционираат што е можно подобро. Тексашкиот сенатор Тед Круз, кој треба да зборува во Далас, минатиот месец изјави дека републиканците не се обединети во својата поддршка за Венс и дека партијата е пред поширока дискусија за идната насока и приоритети.

 

ИЗДВОЕНИ