Нови имиња на министри и ротација на ресори е рамката во која деновиве во финална фаза влегуваат разговорите на владините партнери околу реконструкцијата на Владата. Но, иако имињата и комбинациите и натаму во најголем дел остануваат тајна, дел од членовите на владиниот кабинет веќе почнаа да откриваат каде можат да следат промените. Меѓутоа, за конечните ќе треба уште да се почека. Премиерот Христијан Мицкоски денеска одново повика на трпение бидејќи наскоро се ќе биде познато.
– Сега траат преговорите за реконструкција на Владата и ве молам за трпение, за неколку дена сè ќе биде познато – одговори Мицкоски на прашањето кој бил најуспешен министер и дали имало неуспешни.
Тој досега изразуваше задоволството од начинот на кој што течат разговорите со партнерите, потенцираќи дека поважна му е содржината отколку бројноста на промените. Од она што неофицијално се дознава се добива впечаток дека промената на составот на владата во значителна мерка ќе се должи на ротирањето и замената на ресорите меѓу владините партнери. Вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали во понеделникот, во телевизиско интервју ова и практично го потврди.
Се е на маса
Се чини дека промените во владиниот кабинет најмногу се врзани за ресорите со кои досега во Владата раководеле кадрите на Вреди. Оваа партија досега управуваше со седум позиции во кабинетот на Мицкоски, а кои ги извршуваа шест нивни функционери. Полето за комбинаториките се отвори откако партијата застана на ставот дека во реконструираниот кабинет веќе нема места за актуелниот министер за социјална политика Фатмир Лимани и за доскорешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи. Но, во претстојното реконструирање не е предвидено Вреди да определи нивни наследници, туку и тие ресори се ставени на маса како предмет на размена меѓу партнерите.
Вицепремиерот Беким Сали ова го потврдува но и посочува каде се може да следат промените.
-Дел од преговорите е прашањето дали Вреди и натаму ќе има седум позиции и шест имиња. Дали ќе бидат седум позиции на шест извршители или, пак, ќе остане во друг формат, сè е дел на преговори. За повеќе ресори се зборува дека може да има промени, вклучувајќи ги здравство и европски прашања и останатите министерства што моментално ги управуваме ние како Вреди. Значи, не сме фиксирани на одредена позиција за да кажеме – тука мора да останеме – изјави Сали.
Тој додаде дека иако Вреди е заинтересирана и натаму да ги држи ресорите за социјална политика и за доброто владеење, сепак, и тие се наоѓаат на масата за прераспределбата, а партијата е подготвена и за таквата опција. Истовремено, вицепремиерот најави дека може да се очекува нов кадар во ресорот правда со оглед на тоа дека и ова Министерство е предмет на преговорите.
-Мислам дека е очекувано во тој ресор да има проимена. Меѓутоа, не можам да навлезам во детали во кој правец ги развиваат преговорите и како разговараат, кои се размислувањата на коалициониот партнер ЗНАМ. Меѓутоа, очекувано е таму да има некоја промена што ќе рефлектира повеќе ангажман – рече Беким Сали.
Ваквата негова најава го отвора прашањето каква ќе биде реакцијата и ставот на Движењето ЗНАМ кои уште од порано излегоа со ставот дека нивните двајца министри – Игор Филков, министер за правда и министер за јавна администрација Горан Минчев – не треба да бидат реконструирани бидејќи добро ја извршувале функцијата. Како аргумент за тоа се наведува и признанието на претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта кој ги пофали реформите во областа на правната држава и на јавната администрација. Ова, очигледно, ќе биде предмет на сериозни преговори меѓу лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски и премиерот Мицкоски кој ќе треба да даде убедливи аргументи за промената во ресорот правда кој последниве месеци го поднесе главниот товар со реформските закони кои сега се носат како исполнување на обврските на земјата.
Во чии раци одат култура, образование, спорт…?
Една од опциите кои неофицијално се спомнуваат е дека на ЗНАМ би му бил понуден ресорот за култура со оглед на шпекулациите дека премиерот планирал да му се заблагодари на досегашниот ангажман на министерот Зоран Љутков. Во таква ситуација дилемата е дали ресорот правда би отишол во разцете на ВМРО-ДПМНЕ од каде последниве месеци доаѓаа зачестени напади врз министерот Филков или, пак, во рацете Вреди? Освен ова, досега се спомнуваа и комбинациите со кои министерот за здравство Азир Алиу може да биде идниот вицепремиер за добро владеење, а таа позиција да заврши кај ВМРО-ДПМНЕ, која инсистира да го преземе Министерството за здравство, а за нов министер во овој ресор наводно го предлага директорот на ГОБ „8 септември“ Синиша Стојаноски. Во една таква ситуација од партијата Вреди би инсистирале за возврат да го добијат ресорот образование со кој сега раководи Весна Јаневска. Се споменува и можна рокада на вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали со министерот за здравство Алиу. Во таков случај, Сали ќе остане прв вицепремиер и министер за здравство. Прашање е и што се планира со ресорот за спорт и култура со кој сега раководи Борко Ристевски, односно Зоран Љутков. Сепак, извори на весникот ВЕЧЕР велат дека најтешките преговори ќе се водат околу распределбата на клучните министерства, каде што во игра се најразлични варијанти, меѓу кои и рокади на министри од еден во друг кабинет.
Министерот за здравство Азир Алиу, пак, изјави дека реконструкцијата на Владата не би имала никаква логика доколку постоеле планови за предвремени парламентарни избори.
-Не би било логично да се прават овие промени и да се троши целата оваа енергија доколку планиравме предвремени парламентарни избори. Имаме сериозни предизвици и реални барања на кои мора да понудиме решенија. Во следниот двегодишен период треба да се фокусираме на завршување на сите отворени процеси – изјави Алиу.
Напоредно со ова, лидерот на Турската демократска партија Зулфикар Зејнула вчера изјави дека оваа партија е на чекор до влез во Владата.
-Разговорите со владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат и во наредните денови. На масата не седиме како политичка партија, туку како партија која ја претставува турската заедница. Постои потреба турската заедница повторно да биде претставена во Владата преку Турската демократска партија – изјави Зејнула.
Според неофицијални информации, ТДП во рамки на договорот за влез во Владата би добила едно вицепремиерско место и две заменик-министерски позиции. Се шпекулира дека станува збор за функциите заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. (Б. Ѓ.)
Мицкоски го потсети Таравари на „Ѓока констракшн“
Нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат на државата од конечното раскинување на договорот со фирмата „Ѓока констракшн“, пдговори премиерот Мицкоски на изјавата на барањето на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари за „гаранции околу евроинтеграциите“.
Таравари завчера на прашањето дали може да се случи неговото враќање во Владата изјави дека е „понижувачки да се влезе од каде што си заминал“, но не ја исклучува можноста тоа да се случи со нов договор.
– Само со нов договор во кој би имало барем гаранција за почеток на преговорите со ЕУ и уставни измени во тој случај може да се разговара – рече Таравари, додавајќи дека во спротивно нема што да се разговара.
Инаку, фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија беше единствената пријавена на огласот за изградба на катните гаражи и стопанисување на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во период кога министер за здравство беше Арбен Таравари. По реакциите во јавноста и во опозицијата договорот не беше реализиран.












