| Средбата во Приштина повторно ги отвори прашањата за наворешни влијанија |
Средбата на лидерите на политичкото движење Вреди со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина повторно ја отвори дебатата за улогата на регионалните политички врски со албанскиот политички блок во Македонија. Дел од аналитичарите сметаат дека ваквите контакти имаат пред сè симболична тежина и се поврзани со политичкиот авторитет што Курти го ужива меѓу Албанците во регионот, додека други укажуваат дека средбата доаѓа во момент кога Вреди најавува трансформација од коалиција во единствена политичка партија, и во тој контекст се поставува прашањето дали станува збор за вообичаена политичка комуникација или за пошироки консултации околу идното политичко позиционирање на движењето во Македонија.
Според политичкиот аналитичар Џенур Исени, средбата меѓу лидерите на Вреди и премиерот на Косово, Албин Курти, не треба да се гледа исклучиво низ дневнополитичка призма, туку и низ поширокиот контекст на политичките и симболичките врски меѓу Албанците во регионот.

-Уште од самото формирање на коалицијата ВЛЕН, Албин Курти на некој начин фигурираше како политичка референца и симболична „политичка чадор-фигура“, пред сè поради неговиот политички кредибилитет и репутација кај албанците во регионот. Во тој контекст, сосема е очекувано лидерите на коалицијата да одржуваат комуникација и политички дијалог со Курти, особено во момент кога ВЛЕН најавува трансформација од коалиција во единствена политичка партија. Курти во таквиот процес може да има повеќе симболична отколку оперативна улога, како фигура која ужива одреден авторитет меѓу Албанците. Но, исто така треба да се има предвид дека политичкиот авторитет или популарноста на Курти автоматски не се пренесува врз политичките субјекти во други држави. Поддршката кај гласачите секогаш се гради во рамките на конкретниот политички и општествен контекст на државата, вели Исени во изјава за венсикот ВЕЧЕР.
Дополнително, додава тој, моделот што Вреди го најавува, партија со двајца претседатели, досега не е политички тестиран кај албанскиот политички електорат во земјава.
-Затоа останува да се види како ќе функционира таквата структура во пракса и дали ќе создаде политичка кохезија или нови предизвици. Сепак, трансформацијата на ВЛЕН од коалиција во единствена политичка партија може да се смета за логичен политички чекор, бидејќи долгорочно партиската структура е постабилен и појасен модел на политичко организирање отколку коалицискиот формат, посочува Исени во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Информацијата за средбата со Курти ја сподели градоначалникот на општина Чаир и еден од лидерите на Вреди, Изет Меџити. Тој на социјалните мрежи објави дека по посетата на Преказ, престојувал во Приштина каде што остварил средба со премиерот на Косово, Албин Курти. Средбата се одржала во вилата на Баци Рифат во Приштина и на неа биле разменети мислења за актуелните политички теми и за соработката меѓу Албанците во регионот.
На фотографијата од средбата, покрај Меџити, се гледаат и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, првиот вицепремиер Беким Сали, како и други претставници од политичкото движење Вреди.
Ова не е првпат претставници на коалицијата Вреди да имаат средба со косовскиот премиер Албин Курти. Уште од формирањето на коалицијата, дел од нејзините лидери во повеќе наврати остварија контакти со Курти, како во Приштина така и за време на неговите посети во земјава. Ваквите средби вообичаено се претставуваат како разговори за политичката соработка меѓу Албанците во регионот, како и за поддршка на реформските политики и европската перспектива на регионот. Политичките контакти меѓу лидерите на Вреди и косовскиот премиер беа забележани и во периодот пред парламентарните избори, кога дел од нив учествуваа на настани и средби во Косово, што дополнително ја потврди перцепцијата дека Курти има одредено политичко влијание врз албанскиот политички блок во Македонија.
И покрај тоа што средбите се официјални, за време на посетата на Албин Курти во 2023 година во Тетово и Чаир беа истакнати албански национални симболи, што предизвика негодување и критики од македонски политичари и аналитичари. Дел од политичките кругови ја оценија посетата како „непотребно мешање во внатрешните работи“ и потенцираа дека ваквите настани можат да ја влошат меѓуетничката кохезија во земјава. (В.С.Н.)












