Актерката Сузан Сарандон отворено се залага за Палестинците и за прекинот на огнот во Газа во последните години, а овој ангажман имаше силно влијание врз нејзината кариера во Холивуд, објавува Vijesti.me.
Како резултат на тоа, во 2023 година, агенцијата што ја претставуваше ја откажа соработката затоа што учествуваше на пропалестински митинг во Њујорк. Оттогаш, вратите за неа беа затворени во американската филмска индустрија.
„Бев отпуштена од мојата агенција затоа што марширав и јавно зборував за Газа“, изјави Сарандон во Барселона, каде што ја доби Меѓународната награда Гоја за животно дело.
Таа додаде дека станало невозможно да се добијат големи улоги во американски филмови или телевизиски проекти, поради што сè повеќе се потпира на европските продукции и независната сцена.
Неодамна работеше на филмови во Италија и настапуваше во лондонскиот Олд Вик, а еден италијански режисер ја ангажираше и покрај предупредувањата дека „не треба“.
Сарандон вели дека активизмот не само што ѝ ги одзел можностите во Холивуд, туку и јасно ја дефинирал насоката на нејзината кариера – повеќе проекти во Европа, а помалку во САД.
Актерката, позната по улогите во „Телма и Луиз“, „Мртовец што оди“ и „Атлантик Сити“, вели дека и покрај притисокот, не се откажала од политичкиот ангажман и продолжува да предупредува за цивилните жртви во Газа. За Сарандон, уметноста и активизмот остануваат неразделни, дури и ако тоа значи жртвување на можностите во земјата каде што ја изградила својата кариера.












