петок, август 21, 2026
Дома СКОПСКА Возилата на Град Скопје и на јавните претпријатија под ГПС-контрола

Возилата на Град Скопје и на јавните претпријатија под ГПС-контрола

1

Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со ГПС-уреди и се следат преку современ центар за мониторинг.

Ова го објави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој објасни дека системот овозможува во реално време да се знае каде се наоѓа секое возило, по која маршрута се движи, со која брзина, колку време е во движење, но и колкава е реалната потрошувачка на гориво.

– Дополнително, преку специјални сонди се контролира и нивото на гориво, со што директно ги лоцираме нелогичните трошоци и ја оптимизираме работата. Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека со личен пример покажува дека Град Скопје максимално го штити буџетот на граѓаните и дека функцијата не е привилегија, туку обврска.

– Јас користам сопствено возило и горивото го плаќам од сопствениот буџет. Службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на градот. А дека домаќинскиот пристап носи резултати, покажуваат и бројките. Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во првите шест месеци бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, споредено со првите шест месеци од истиот период лани – наведува Ѓорѓиевски.

Притоа, нагласи дека секој денар што ќе се спаси од непотребно трошење е денар повеќе за улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и подобар живот за скопјани.

– Воведуваме ред, контрола и домаќинско работење, затоа што градскиот буџет е сопственост на граѓаните. Скопје мора да биде пример како се управува со јавни пари – заклучува Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ