Скопје е метропола на хартија, но е „чекална“ во реалноста. Вака скопјани револтирани ја опишуваат моменталната состојба со јавниот градски превоз, реагирајќи на социјалните мрежи. Тие се револтирани, бидејќи Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не го почитува востановениот возен ред. Повеќето скопјани коментираат дека автобуси нема и по еден час, па се принудени да се откажат од чекањето и да се снаоѓаат кој како знае и умее. Други, пак, се прашуваат како е можно во Скопје, главниот град на една држава и центарот на сите економски и социјални случувања, граѓаните да поминуваат повеќе време чекајќи автобус отколку во патување? Од ЈСП велат дека секоја реакција од граѓаните се сфаќа сериозно и оти континуирано работат на подобрување на редовноста на линиите
Скопје е метропола на хартија, но е „чекална“ во реалноста. Вака скопјани револтирани ја опишуваат моменталната состојба со јавниот градски превоз, реагирајќи на социјалните мрежи. Тие се револтирани, бидејќи Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) не го почитува востановениот возен ред. Повеќето скопјани коментираат дека автобуси нема и по еден час, па се принудени да се откажат од чекањето и да се снаоѓаат кој како знае и умее.
– Враќајќи се од работа за дома, речиси еден час го чекав автобусот со број 5. На автобуската постојка бевме повеќемина. Кога видовме дека не доаѓа, се разотидовме. Секој си наоѓаше начин како да стигне до дома или до саканата дестинација – вели скопјанка.
Други, пак, се прашуваат како е можно во Скопје, главниот град на една држава и центарот на сите економски и социјални случувања, граѓаните да поминуваат повеќе време чекајќи автобус отколку во патување?
–Да се чека јавен превоз по 50 или 60 минути не е само технички дефект во системот – тоа е директно непочитување на времето, трудот и достоинството на секој жител на овој град. Јавниот превоз не е луксуз, туку основна јавна услуга. За работниците, секое доцнење на автобусот значи стрес, изгубено време и ризик на работното место. Ние немаме сите луксуз да возиме автомобили, ниту, пак, буџетот на еден просечен работник може да издржи секојдневно плаќање такси услуги – наведува граѓанин.
Тој додава дека за постарите лица и за пензионерите, кои ги изградиле патиштата по кои денес возиме, ова невреме по станиците е физичко мачење.
– Срамно е да гледаме како нашите баби, дедовци и родители стојат со часови на сонце или дожд, немоќни да си дозволат алтернатива. Еден град се мери по тоа како се грижи за своите најранливи и највредни категории – за своите работници и за своите пензионери – одлучен е тој, нагласувајќи дека моменталната слика на скопските улици, за жал, покажува систем кој потфрлил.
Притоа, повикува дека е време за одговорност, за редовни линии и за превоз кој им служи на луѓето, а не на изговорите.
– На Скопје му треба функционален ЈСП, затоа што граѓаните веќе го платија својот дел со даноци, со билети и – со премногу изгубено време – смета тој.
Освен на непочитување на возниот ред, граѓаните се жалат и на нефункционирањето на новата апликација „Скопје бус“.
– Каде да гледаме кога тргнуваат автобусите во живо? Само празни мапи за сите линии. И пак промена на возен ред. Многу несериозно од ваша страна – се жалат скопјани
Во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека се свесни за значењето на редовното и навремено одвивање на јавниот превоз, особено на линиите кои опслужуваат голем број граѓани.
– Во одредени периоди, поради сообраќајниот метеж, непредвидени застои, дефекти или ограничените расположливи капацитети, може да дојде до отстапувања од утврдениот возен ред. Сепак, секоја реакција од граѓаните се сфаќа сериозно. ЈСП континуирано работи на подобрување на редовноста на линиите, а конкретно и на линијата 5, со цел да се намалат отстапувањата и на граѓаните да им се обезбеди посигурен и навремен превоз – образложуваат од претпријатието.
Инаку, според последните најави на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, првите 30 од предвидените 100 електрични автобуси за Скопје со кои би се подобрила состојбата во јавниот градски превоз ќе стигнат во декември 2026 година или во јануари 2027 година, откако тендерот бил успешно завршен. Според него, се очекува набавката на сите 150 електрични автобуси, од кои 50 за другите градови во државата што имаат јавен градски превоз, да заврши за година и пол.
Со пристигнувањето на новите автобуси се поврзува и можноста за посети на Македонско село во Нерези. Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, очекува дека со набавката на новите електрични автобуси ќе се обезбеди, во координација со градоначалникот на Град Скопје, да бидат пуштени повеќе линии, особено во летниот период кога има зголемена посета на Скопје, кога луѓето имаат потреба и сакаат да го посетат комплексот „Македонско село“.
– Сме разговарале на оваа тема и да, ќе има зголемување, но да оставиме малку простор да стигнат тие автобуси за да можеме да обезбедиме соодветни возила – рече Томовски.
Предлог за продолжување на линијата со број „35“
Откако претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, најави враќање на линијата со број „37“, која летово ќе почне со промотивен капацитет, а од септември ќе функционира со полн капацитет, градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, даде предлог за продолжување на линија со број „35“ до Радишани. Таа во моментов сообраќа на релација Железничка станица – Ново Лисиче – Железничка станица Скопје Север. Со, тоа, како што истакна, Општина Бутел би добила директно автобуско поврзување со друг дел од градот, пред сè со Аеродром и Ново Лисиче.
Тој овој предлог го изнесе пред граѓаните сакајќи да ги чуе нивното мислење, предлози и сугестии, со оглед на тоа дека до него пристигнале повеќе барања за тоа.
За можноста од реализирање на ваквиот предлог од ЈСП велат дека секогаш ги поздравуваат и ги разгледуваат предлозите, мислењата и сугестиите од граѓаните и локалните самоуправи.
– Како претпријатие кое е во функција на потребите на граѓаните, континуирано се трудиме со расположливите капацитети да обезбедиме што подобра и поефикасна услуга и сообраќајна поврзаност. Секој предлог за изменување или продолжување на линија ќе биде разгледан од страна на стручните служби, имајќи ги предвид потребите на граѓаните и моменталните расположливи капацитети на ЈСП. Остануваме отворени за соработка со сите општини на територија на Град Скопје и за разгледување на сите предлози кои се во интерес на граѓаните – децидни се од претпријатието.
А од коментарите по повикот на градоначалникот Костовски може да се види дека граѓаните го поздравуваат и повеќето се за негово реализирање. Други, пак, предлагаат, наместо до Радишани, „35“ да се продолжи до Љуботенски пат.
(А. П.)












