Приказна што ги спојува генерациите и ја слави македонската традиција. За тоа раскажува новиот видеоспот за песната „Мерак живот, балкански“, која од сè срце искрено ни ја донесува во својот препознатлив стил популарниот Драган Николовски-Даце. Тоа е емотивна приказна за љубовта, животот, дружењето и македонскиот боемски дух, претставена низ модерен и урбан визуелен израз.
Видеозаписот ја следи основната линија на текстот на песната, но традиционалните мотиви се претставени на современ начин, со цел да ја спојат македонската култура и музичка традиција, за да допре полесно до помладите помодерни генерации. Во центарот на видеото е прикажана една млада двојка, преку чија животна приказна се раскажува за љубовта што трае. Од нивната прва средба како деца, преку младоста и моментот кога се вљубуваат, па сè до староста. Гледачот го следи нивниот заеднички пат – исполнет со љубов, внимание, почит и меѓусебна посветеност.
– Со песната и видеоспотот сакаме да ги споиме генерациите и кај младите повторно да ја разбудиме љубовта кон македонската музика, традиција и културна оставина. Видеото заедно со песната е жива приказна за љубовта, меракот и за животот – пред сè македонски, и воопшто, нашиот балкански, вели секогаш распеаниот Даце.












