Турскиот кошаркарски гигант, екипата на Фенербахче, е на прагот да договори големо засилување од НБА-лигата. Според информациите на „Баскет њуз“, турскиот гигант е во завршни преговори со канадскиот центар Двајт Пауел, кој се очекува да потпише едногодишен договор.

Пауел зад себе има 13 години искуство во најсилната кошаркарска лига во светот, а најголемиот дел од кариерата го помина во Далас Маверикс, каде што беше соиграч на Лука Дончиќ. Токму со словенечката суперѕвезда изгради одлична соработка во играта „пик-ен-рол“, често завршувајќи ги неговите додавања со атрактивни забивања.

Канаѓанецот во НБА одигра 768 натпревари, со просек од 6,5 поени и 4,2 скока. Минатата сезона бележеше 3,3 поени и 4,1 скок за 14 минути на паркетот.

Пауел сè уште нема настапувано во европската кошарка, а неговото евентуално доаѓање би му донело на Фенербахче големо искуство, физичка сила и квалитет во играта под кошевите.

ИЗДВОЕНИ