понеделник, септември 14, 2026
Дома СВЕТ Водечките партии од Северна Ирска, Шкотска и Велс  прогласија право на самоопределување;...

Водечките партии од Северна Ирска, Шкотска и Велс  прогласија право на самоопределување; Лондон порача дека верува во опстанокот на Обединетото Кралство

0

„Шин Фејн“ (Sinn Féin), Шкотската национална партија и „Плаид Кимру“ (Plaid Cymru) – водечките партии од Северна Ирска, Шкотска и Велс – денес потпишаа договор со кој го прогласуваат правото на нивните нации на самоопределување, пренесува „Би-би-си“.

„Ниту една влада во Вестминстер нема право да ја блокира демократијата или да го поткопува принципот дека нашите народи сами ќе одлучуваат за својата иднина. Ја признаваме реалноста дека нашите партии имаат различни уставни ставови и дека секоја нација ќе ја одреди својата иднина на свој начин и во свое време“, се наведува во меморандумот за разбирање потпишан во Кардиф, главниот град на Велс.

Договорот во име на нивните партии го потпишаа Рун ап Јорверт, Џон Свини и Мишел О’Нил – првите министри на Велс, Шкотска и Северна Ирска.

На церемонијата на потпишување присуствуваше и претседателката на „Шин Фејн“, Мери Лу Мекдоналд.

Сите три партии се залагаат за одвојување од Обединетото Кралство, иако имаат различни ставови за тоа како и кога би можело да се случи тоа.

На заедничката прес-конференција, Свини и О’Нил повикаа на одржување референдуми за независност, додека Рун ап Јорверт не наведе временска рамка за таков референдум во неговата земја. Тој изјави дека изборите одржани во Велс овој мај претставуваат пресвртница и дека постои сè поголемо мислење оти „моделот на Вестминстер“ повеќе не функционира.

 

Пред состанокот, портпаролот на неговата партија, „Плаид Кимру“, изјави дека променливиот политички пејзаж на островите укажува на тоа оти постојат цврсти основи за практична политичка соработка во области како што се енергетиката, економијата и ангажманот со Европа.

„Плаид Кимру“ претходно ја исклучи можноста за одржување референдум за независност пред следните избори за велшкиот парламент во 2030 година.

Британскиот премиер Енди Бурнам цврсто верува во опстанокот на Обединетото Кралство, изјави неговиот портпарол, откако лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска потпишаа заедничка декларација со која го потврдуваат правото на нивните нации демократски да ја одредат сопствената уставна иднина.

„Премиерот е посветен на спроведување промени во сите четири нации на Обединетото Кралство и силно верува во Унијата“, изјави портпаролот на Бурнам.

Тој додаде дека Обединетото Кралство е „во своето најдобро издание“ кога граѓаните се обединуваат околу заеднички вредности и решавање проблеми, наместо околу нови поделби.

Според него, владата ќе даде приоритет на ублажувањето на притисокот врз буџетите на домаќинствата и зајакнувањето на економската безбедност, наместо на отворање прашања за нови референдуми или уставни измени. Реакцијата од Лондон уследи по потпишувањето на меморандум за разбирање од страна на велшкиот прв министер и лидер на „Плаид Кимру“, Рун ап Јорверт, шкотскиот прв министер и лидер на Шкотската национална партија, Џон Свини, и првата министерка на Северна Ирска и потпретседателка на „Шин Фејн“, Мишел О’Нил, со кој се повикува британската влада да се подготви за можни уставни промени.

ИЗДВОЕНИ