сабота, август 1, 2026
Дома МАГАЗИН Во Виена, стартува 70. издание на Песна на Евровизија – Македонија не...

Во Виена, стартува 70. издание на Песна на Евровизија – Македонија не учествува, штеди од народните пари

340

Конечно, да здивнеме. По толку многу турбуленции, во Виена (на 12.05.) започнува годинашното 70. издание на Песна на Евровизија, со двете полуфинални вечери и со главната финална вечер на 16 мај. Натпреварот се одржува во гламурозната арена „Wiener Stadthalle“,   но, за жал,  Македонија нема да учествува и овој пат. За утеха, Македонската РТВ ќе ги пренесува сите трите вечери во живо, на својата фреквенција, што значи дека, сепак, на некој начин, и ние ќе бидеме во австриската метропола. Причини за нашето неучество има многу. Главна причина се финансиите. Велат, ние ќе штедиме и нема да ги арчиме народните пари кога и онака може само да ја сонуваме победата. А и, ете, да победи, на пример, Македонија нема ниту соодветна арена, ниту таков капацитет да организира еден ваков навистина гламурозен музички настан. За жал.

Инаку, драмата со Евровизија 2026 почна веднаш по новогодишните празници, кога тргна бојкотот поради израелскиот масакр над жителите во Газа. Нешто како по примерот на Русија, која ја исфрлија од овој светски музички настан. Бидејќи Русија е од страната на западните земји што се организатори, означена како агресор во војната со Украина и нема пристап до овој фестивал. Така што сега многу земји побараа Израел, исто така, да биде исфрлен од евровизискиот фестивал. Ирска, Холандија, Шпанија, Словенија и Исланд се земјите што нема да настапат.Токму поради учеството на Израел, градот Виена е под огромно полициско обезбедување. Австриската полиција очекува демонстрации поврзани со Израел. Безбедносните служби се подготвуваат за можни блокади, нарушување на редот и мирот, како и за големи собири со пиротехника. Воведени се строги контроли околу и во арената, поради можноста на евентуално подметнување бомби. Забранети се дронови во критичните зони, воведени се и многу чести проверки кај сите што влегуваат или излегуваат од фестивалската арена. Новинарите што ја следат Евровизија велат дека се претерува. На пример, не смееш да внесеш во салата и во текот на пробите шишенце со вода за пиење. Според моменталните прогнози на обложувалниците, Финска се издвојува како најсериозен кандидат за победа. Веднаш зад оваа скандинавска земја се Грција, Данска, Франција, Италија, Хрватска, Србија, Кипар, но и проблематичниот Израел. Иако е Песна на Евровизија натпревар на музиката, пеењето, годинава изгледа дека ќе биде поинаку. Најмногу натпревар на политичко-музички валкани игри, со протести, демонстрации, закани, кои се упатени кон претставниците на Израел. Водители на Фестивалот се Викторија Сваровски и Михаел Островски.    (Д. М.) фото:архива

ИЗДВОЕНИ