
Продолжува напнатоста меѓу САД и Иран, откако и двете страни ги отфрлија најновите мировни предлози за завршување на конфликтот. Техеран го обвинува американскиот претседател Доналд Трамп за неразумни барања, додека Трамп порача дека иранските контрапредлози се „целосно неприфатливи“.
Минатата среда, Трамп изјави дека Иран „многу сака договор“, а Техеран потврди дека разгледува нов американски мировен предлог. Иранските медиуми објавија во неделата дека властите во Техеран го одбиле американскиот план, оценувајќи дека тој би значел „капитулација пред претераните барања“ на американскиот претседател.
Потоа Иран испрати свој предлог, кој како и претходно, вклучува барање за исплата на воена отштета, итен прекин на американската блокада во Хормускиот Проток и гаранции дека нема да има нови напади. Трамп објави дека тој предлог не му се допаѓа и дека е целосно неприфатлив. Но, во понеделникот, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека иранската понуда била „великодушна и одговорна“, додека Вашингтон продолжува да наметнува „неразумни барања“.











