Граѓаните што скенираат фискални сметки преку „Мој ДДВ“ повторно добиваат пари назад. Во тек е исплатата на повратот за второто тримесечје од 2026 година, односно за сметките скенирани во периодот април, мај и јуни.

Ова е втората редовна исплата на „Мој ДДВ“ годинава. Парите се префрлаат директно на трансакциските сметки на граѓаните, а исплатата се одвива етапно, според обработката на налозите.

Претходно, во мај, беше исплатен повратот за првото тримесечје од 2026 година. Тогаш 528.447 граѓани добија близу 836 милиони денари назад преку „Мој ДДВ“.

Од УЈП велат дека и со оваа исплата средствата ќе легнат на сметките на корисниците што ги исполнуваат условите и редовно ги пријавувале фискалните сметки преку апликацијата.

Колку пари ќе добие секој граѓанин зависи од износот на скенираниот промет и од правилата за поврат на ДДВ. УЈП ги потсетува корисниците да продолжат да ги скенираат фискалните сметки, бидејќи со секое ново тримесечје повторно се создава право на поврат.

За споредба, во февруари годинава, за последното тримесечје од 2025 година беа предвидени 924,5 милиони денари за 526.123 корисници, што беше најголемата редовна исплата на „Мој ДДВ“ во дотогашниот период.

Граѓаните што сè уште не ги добиле средствата треба да ги проверат својата трансакциска сметка и податоците внесени во апликацијата. Доколку има грешка во сметката, исплатата може да биде одложена сè додека не се коригираат податоците.

ИЗДВОЕНИ