Вкупно 12 пожари на отворен простор биле регистрирани во земјава до 13:00 часот денеска. Од нив, пет сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а шест се целосно изгаснати, информираa од Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата во Општина Старо Нагоричане, каде што пожарот ги зафатил подрачјата околу селата Орах, Диманце и Руганце. Станува збор за шумски пожар, при што е зафатена и една куќа.
Активни е пожарот во Општина Студеничани, каде што гори меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, при што е зафатена мешана шума, потоа во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, каде што горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Освен тоа, активни се и пожарите на територијата на општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце и Туденце, со ширење кон селото Бојане, каде што е зафатена мешана шума. Активен е и пожарот во Општина Прилеп, кај селото Чаниште, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола е пожарот на депонијата во Делчево, а изгаснати се пожарите кај селото Милетино во Општина Брвеница, кај Железница во Кратово, во Ветуница во Ранковце, како и на подрачјето на Велес и на Зелениково. Биле изгаснати пожарите и кај Батинци во Студеничани и кај Палиград во Зелениково.
Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните за особена внимателност поради зголемениот ризик од пожари на отворен простор.












