По петчасовна борба, пожарот што вчера избувна неколку минути по 15 часот во атарот на штипското село Долани беше целосно изгаснат во 20:30 часот. Според првичните процени, огнот зафатил околу 30 хектари нискостеблеста вегетација и дел од борова шума.
Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип, Благој Ренџов, изјави дека екипа ќе остане на терен, со цел навремено да се реагира доколку повторно се појави опасност од разгорување на пожарот.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во гаснењето на пожарот биле вклучени четири противпожарни возила и 15 пожарникари од ТППЕ – Штип. На терен интервенирале и шест доброволци со две возила од Доброволното противпожарно друштво – Штип, како и екипа од ЈП „Исар“ – Штип.
Во акцијата биле вклучени и четири трактори кои изработиле заштитен појас за да се спречи ширењето на огнот кон селото. Помош пристигнала и од ТППЕ – Радовиш, која испратила едно возило и оператор на дрон. Гаснењето било поддржано и од воздух, при што авионот на Дирекцијата за заштита и спасување извршил две исфрлања вода врз критичните точки на пожарот. На терен била присутна и екипа на СВР Штип.
– Според сведочењето на жител кој се здобил со полесни телесни повреди при обид да помогне во гаснењето, пожарот бил подметнат од две непознати лица кои потоа побегнале – информираат од ЦУК.
Ова е трет поголем пожар во Штипскиот Регион во последните неколку дена, што дополнително го вклучува алармот за зголемена претпазливост кај населението.
Дека пожарите почнаа да се јавуваат уште пред официјалниот почеток на летото поради високата температура, потврдува и информацијата дека кумановските пожарникари вчера интервенирале на четири различни локации во градот и неговата околина.
Една од интервенциите, како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, била во близина на „Багрем Бања“, простор што граѓаните често го посочуваат како критична точка за појава на пожари и палење отпад. Таму било опожарено подрачје со сува трева, а во интервенцијата учествувале две противпожарни возила и четворица пожарникари.
Пожарникарите интервенирале и поради опожарена бандера на улицата „6 Април“. Во вечерните часови гаснеле пожар на сува трева во селото Лопате, а последната интервенција ја реализирале од 21:10 до 22:05 часот на улицата „Средорек“, каде што изгаснале запалено ѓубре.
Жителите на месната заедница „Панче Пешев“ веќе втора година по ред алармираат за речиси секојдневно палење отпад, смет, шут и гуми на потегот од Спомен-костурницата до влезот во населбата „Перо Чичо“. Според нив, чадот и огнот што ги предизвикуваат несовесни граѓани директно влијаат врз квалитетот на животот во населбата, бидејќи жителите често не можат ниту да ги отворат прозорците, ниту нормално да престојуваат на отворено.
Поради сериозноста на проблемот, Општина Куманово минатата година свика кризен штаб и донесе одлука за засилено патролирање на пожарникарските екипи на овој потег.
(А. П.)












