Тимот пиротехничари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Прилеп безбедно отстранилe неексплодирана 75-милиметарска артилериска граната од минатите војни, што веќе била истрелана од топ.
Од ДЗС информираат дека гранатата била пронајдена при градежни работи за сообраќај и канализација од фирмата „Аква нет“, во непосредна близина на станицата за технички преглед „Супер контрола Прилеп“ и пералната „Акса“, од каде што било пријавено нејзиното пронаоѓање.
Притоа додаваат дека гранатата била безбедно транспортирана и сместена во магацин на ДЗС, по што ќе следува нејзино уништување со други пронајдени неексплодирани убојни средства, согласно со процедурите за безбедност.
ДЗС повторно апелира до граѓаните при пронаоѓање сомнителни предмети што личат на неексплодирани експлозивни средства, тие да не се допираат или поместуваат, туку веднаш да се пријават на телефонскиот број 112.












