четврток, јуни 11, 2026
Дома СКОПСКА Во новата учебна година, нова спортска сала во училиштето „Кузман Јосифовски-Питу“

Во новата учебна година, нова спортска сала во училиштето „Кузман Јосифовски-Питу“

31

Новата спортска сала во основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ во Општина Кисела Вода учениците ќе може да ја користат од почетокот на наредната учебна година, до кога ќе биде завршена.

Ова беше констатирани по увидот во градежните работи од страна на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, а инвестицијата се реализира со буџетски средства во износ од 32 милиони денари.

– Изградбата на новата спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ е во напредна фаза и со веќе реализирани 60 % од предвидените работи. Наш главен приоритет е учениците да добијат современ простор за наставата по физичко образование и спорт, кој ќе вклучува модерни терени за кошарка, одбојка и за ракомет, како и комплетно опремени придружни простории. Овој објект е проектиран да биде пристапен и за лицата со попреченост – изјави Стаменкоска- Трајкоска.

Таа додаде дека овој проект е дел од заедничките цели и силната соработка меѓу Општина Кисела Вода, Министерството за образование и наука и Владата, со цел да се обезбедат најдобри услови за раст и развој на сите деца во Кисела Вода.

-Паралелно со оваа сала, активно работиме и на новата спортска сала во ПОУ „Круме Кепески” во Припор, како и на капиталните проекти за доградба на училиштата „Невена Георгиева – Дуња” и „Кирил Пејчиновиќ”. Оваа меѓуинституционална синергија е клучот за реализација на ветеното и за создавање подобра иднина за најмладите во нашата општина – потенцираше Стаменкоска – Трајкоска.

Министерката Јаневска дополни дека ова е една од триесетте активни градежни инвестиции во училишни објекти и спортски сали што Министерството за образование и наука ги реализира во моментов, во повеќе општини на територијата на државата, а чија вкупна вредност е над 1 милијарда денари.

-Во моментов се градат четири нови спортски сали и пет училишни објекти, се реконструираат 15 постојни сали и во 10 училишта има санациски зафати. Сите активни инвестиции, ќе бидат заокружени до крајот на тековната година. Ова е потврда дека грижата на Владата и на МОН за подобри инфраструктурни услови е исклучително голема – оцени Јаневска.

Таа потсети дека од почетокот на мандатот досега се вложени повеќе од 4 милијарди денари, односно околу 67 милиони евра во подобрување на училишната инфраструктура.

 

 

ИЗДВОЕНИ