Германија денес постави апсолутен температурен рекорд со 41,3 степени Целзиусови, што беше забележано во еден округ на градот Сарбрикен на западот од земјата, според прелиминарните податоци од Метеоролошката служба (DWD). „Оваа вредност е достигната во Германија за прв пат“ откако започнаа метеоролошките мерења, соопшти службата на мрежата Bluesky.
Претходниот температурен рекорд од 41,2 степени Целзиусови беше забележан во Германија на 25 јули 2019 година. „И сосема е можно оваа температура повторно да се достигне утре (сабота), ако не и малку да се надмине“, изјави за АФП Уве Баумгартен, метеоролог во DWD.
Германските метеоролози утрово издадоа предупредувања за сериозни до екстремни горештини низ целата земја. Најтопол ден се очекува во недела, кога се прогнозираат температури до 42 степени Целзиусови. Метеоролозите предвидуваат дека топлотниот бран ќе трае до почетокот на следната недела.
Спортските и настаните на отворено се откажани во многу делови од земјата поради жештината. Поради високите температури што ја оптоваруваат инфраструктурата на германските железници, тие предупредуваат на можни проблеми и советуваат да не се патува освен во случај на неопходност.
Покрај високите температури, веројатноста за бури од запад постепено ќе се зголемува од сабота со можност за обилни врнежи од дожд, град и силни налети на ветер.












