четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Во ЕУ врие. Националните влади и се лутат на фон дер Лајен,...

Во ЕУ врие. Националните влади и се лутат на фон дер Лајен, велат ги пречекорува овластувањата за војната на Блискиот Исток

922
EPA/OLIVIER HOSLET

Се чини дека е подготвена ЕУ да одговори на овие заканите што ги носи војната, благодарение на мрежата на кризни механизми воспоставени за координирање на земјите членки во текот на вонредни ситуации, наведува „Еуроњуз“. Во светлината на актуелните предизвици, освен прашањето дали може ЕУ да ги заштити граѓаните, се поставува уште едно, а тоа е дали води ЕУ исправна политика во контекст на војната на Блискиот Исток. Европските влади се иритирани поради она што го сметаат за потег на Урсула фон дер Лајен да се позиционира како главен претставник на ЕУ во странство, посочувајќи дека во текот на првите денови од американско-израелската кампања против Иран таа го надминала својот мандат, наведува „Политико“

 

Конфликтот меѓу САД и Иран продолжува да ескалира, при што бројот на жртви меѓу Иранците се искачува на илјадници, а борбите се шират на неколку фронта на Блискиот Исток. За Брисел, овој конфликт не е само далечно прашање на надворешната политика туку и директна закана за стабилноста на Европската Унија, пишува „Еуроњуз“.

Додека Европејците се прашуваат дали можат да ѝ веруваат на ЕУ дека ќе ги заштити од последиците од војната, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дел Лајен, е под сериозни критики од националните дипломати за пречекорување на овластувањата и за мешање во нивна територија.

Нарушувањето во Ормутскиот Теснец влијае на снабдувањето со енергија и го зголемува ризикот од нагло зголемување на цените на гасот и на нафтата, а загриженоста за коберзакани, тероризам, економска нестабилност и можна масовна миграција од регионот расте. ЕУ се чини дека е подготвена да одговори на овие закани благодарение на мрежата на кризни механизми воспоставени за координирање на земјите членки во текот на вонредни ситуации. Првата линија на заштита за граѓаните во странство ја обезбедуваат националните амбасади и конзулати. Според правилата на ЕУ, Европејците можат да побараат помош од дипломатското претставништво на која било друга земја членка ако нивната земја не е претставена таму, наведува „Еуроњуз“. Иако националните влади ги водат евакуациите, ЕУ ги поддржува овие напори преку својот механизам за цивилна заштита, кој организира транспорт, споделува ресурси и координира одговори преку својот 24-часовен Координативен центар за итни интервенции. Европската комисија ги координира хуманитарната помош, управувањето со границите и подготовките за внатрешна безбедност, додека агенциите како „Европол“ ги следат ризиците од тероризам и од организиран криминал. Унијата, исто така, ја зајакнува својата киберодбрана и може да активира финансиски алатки, вклучително и поддршка од Европската централна банка и механизми за финансирање во итни случаи, за стабилизирање на пазарите и за заштита на пошироката економија.

Во светлината на овие предизвици, освен прашањето дали може ЕУ да ги заштити граѓаните, се поставува уште едно, а тоа е дали води ЕУ исправна политика во контекст на војната на Блискиот Исток. Европските влади се иритирани поради она што го сметаат за потег на Урсула фон дер Лајен да се позиционира како главен претставник на ЕУ во странство, посочувајќи дека во текот на првите денови од американско-израелската кампања против Иран, таа го надминала својот мандат, наведува „Политико“. Во разговори со весникот, деветмина дипломати, претставници на ЕУ и пратеници од мали и од големи европски земји, го критикуваа она што го опишаа како дипломатско претерување на претседателката на Европската комисија. Неодобрувањето на нејзиното справување со кризата во Иран доаѓа покрај критиките за други прашања од надворешната политика, вклучувајќи ги напорите на Комисијата да го забрза влезот на Украина во ЕУ и пристапот на Фон дер Лајен кон „Одборот за мир“ на Доналд Трамп.

Со влегувањето на конфликтот на Блискиот Исток во втората недела, ЕУ се бори да зборува со заеднички глас. Неколку влади се вознемирени затоа што се чини дека Фон дер Лајен ја игра улогата што нормално треба да ја игра шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, која треба да ги претставува 27. главни града. Во првите денови од кризата, Фон дер Лајен сигнализираше поддршка за промена на режимот во Техеран и одржа не помалку од десетина телефонски разговори со лидерите на ЕУ и на земјите од Заливот. Таа постојано застапуваше јавни позиции што одат многу подалеку од консензусот меѓу членовите на блокот, велат нејзините критичари.

– Се чувствував како да халуцинирам, гледајќи ја Урсула фон дер Лајен како им се јавува на шефовите на земјите од Заливот. Таа нема дипломатска служба, зборува без мандат или разузнавачки брифинзи. Нејзините зборови немаат никаква вредност надвор од нејзината индивидуална изјава – рече Натали Лоазо, центристичка француска пратеничка во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Улогата на координирање на надворешната политика на блокот, рекоа дипломатите што разговараа со „Политико“, лежи кај Калас, чија задача е да се поврзе со главните градови и да формулира заедничка позиција, дури и ако тоа е често бавен и макотрпен процес. Тие велат дека Фон дер Лајен ризикува да создаде конфузија во односите со остатокот од светот.

Комисијата ги отфрли обвинувањата, велејќи дека Фон дер Лајен ја извршува својата работа како што треба. Таа демонстрира „политичко водство на надворешните политики на Комисијата“ во согласност со договорите на ЕУ, изјави портпаролот на Комисијата. Според него, формалниот став на ЕУ за војната во Иран не го изнела Фон дер Лајен, туку го дефинирала Калас во изјава координирана со 27. земји од Европа, пред една недела.

ИЗДВОЕНИ