„Идем“ е неверојатен бенд со неверојатна енергија. Ретко некој бенд да може да воспостави таков близок однос со публиката, која ја исполни долната сала на МКЦ. Сите што беа таму ги знаеја песните напамет и заедно, хорски, ги пееја, скокаа, играа, но најмногу од сè, ја чувствуваа таа негова музика. А таа музика е мешавина од инди, поп со заразни рефрени, малку панк и постпанк, чат пат малку ноис и нешто од оној хрватски бран од 80-тите. Ама така прекрасно споени, збиени, што едноставно не ти даваат мир.

Љупчо ДАВЧЕВ

Знаев дека се голем бенд, знаев дека се неприкосновени во живо и што е нормално, сакав да се уверам дали е вистина она што го гледав на јутјуб-каналите за нив. Не бев на „Ин-фест“ во Загреб, каде што свиреа во живо, а ни на „ПИН-фест“ во Скопје, на нивниот настап, но затоа бев во МКЦ само за да ги видам. И не се покајав. Прекрасен рок, поради што се наградени од хрватската публика и критика со „Порин“ за најдобар албум на годината, најдобра нова група и за што ли уште не. А горе, на сцената, тапани, две гитари, бас и сајзери. Човек ќе рече нормална рок-постава, какви што има многу, но не како оваа, оваа е надвор од сè. И тоа сè благодарение на едно име – Антун Алекса, лидерот, композитор и текстописец. Всушност, „Идем“ е негов соло проект, па сите песни на нивните два албуми и едно ЕП се напишани, испеани, исвирени само од него. Остатокот од групата го собра по пат и создаде историја. Она што е, можеби, најкарактеристично е атмосферата што ја создаваат тие композиции богати со звук, мелодија, сурова анархија и енергија на секој оној што јa слуша. Некако те прават среќен, разигран, не те оставаат на мир. Доволно е да се споменат само „Распадам“, „Све одједном“ , „Жуице“, „Штета“, „Никад не идем ван“, „Потопи овај брод“, „Све боли“, „Први мјесец“, „Јадања“… и уште многу други и да се почувствуваш заробено во тој прекрасен свет на Антун. Концертот заврши по 90 мин. И публиката, и музичарите, и организаторите (пофалба до организаторите од МКЦ) беа задоволни, емоционално и физички растоварени. Кој не беше таа ноќ, не знае што загуби. Но, за сè постои нареден пат. По концертот, се сретнав со Антун. Во глава ми се вртеше една зрењанинска група што се викаше „Оружјем против отмичара“, многу битна во 90-тите. Можеби бев нејзин најголем обожавател од Македонија, особено од периодот на првите два албуми со пејачката Драгана Мркојич. Ја имам гледано во живо повеќе пати. Таа група веќе не постои, но нејзиниот звук и нејзината енергија цело време ме прогонуваа, секогаш барав некој што ќе биде приближно на неа. И ете, најпосле го најдов, по 25 години, во облик на загрепската група „Идем“ и нејзиниот лидер, Антун.

Дали знаете што направивте во Скопје?

Не се надевав на ваков прекрасен прием, на ваква публика. Како да сме дома. Македонијо, ти благодарам!

Не, тебе ти благодарам. Ме врати во 90-тите и оној звук од тој период, кога „Веезер“ и неговите албуми, особено „Плавиот албум“ и „Пинкертон“, не ги симнував од мојата листа.

Да знаеш дека и мене ми е омилен „Веезер“, особено тој првичен период и затоа го сметам за едно од моите главни влијанија. Но, почувствував и многу повеќе, го „забележав“ Френк Тарнер во одредени делови. Френк е мој омилен автор, го почитувам во секој поглед и ти благодарам што ме ставаш, на некој начин, во кош со „Веезер“ и со него.

Кажи ми како ги создаваш песните?

Песните се сто проценти мои, и тоа на двата албуми и на ЕП-то. Значи, текстовите, музиката, сам ги отсвирев сите инструменти. Идејата ми доаѓа сама од себе, ја правам контурата во главата, ја свирам, ја дообработувам и ја снимам. И самиот не знам како се случува тој процес, но ми доаѓа некаква енергија, која ја преобликувам во песна.

А текстовите?

И тие се мои. Имам мелодија, ја свирам и во исто време низ потсвеста ми поминува текстот што го пеам. Па ги избирам зборовите што ги пеам, кога треба рефрен, зборовите сами доаѓаат. Некако сè само доаѓа, природно. Текстовите зборуваат за нормални секојдневни случувања. Пред малку го спомена Френк Тарнер. Е тој Френк има неверојатни текстови, прави мали приказни. Е тоа е она што го сакам, да размислувам во слики.

Секоја чест, за такви песни други музичари седат со месеци, размислуваат како да го „измиксаат“ тоа, ги бројат буквите за да излезе нешто на крај. А ти само така, од себе, чиста природа. Неверојатно! Кажи ми што се случуваше пред „Идем“?

Имав повеќе проекти, па јас сум веќе 32-годишен. Цела Северна Америка ја прошетавме концертно, во живо, со ваква музика, само што пеев на англиски во мојот претходен бенд, „Тропи џумп“. И секаде публиката нè прифаќаше. Во „Порто морто“ свирам тромбон, во „Јеботон“, исто така, тромбон. Еве цеде од „Тропи џумп“, да го видиш тој мој англиски период.

Кои ти се плановите за понатаму?

Публиката и критиката несебично нè прифаќаат. Каде и да одиме, преполно е со публика. Сега набрзо имаме голем самостоен концерт, во Загреб. Полека, секому му навлегуваме под кожа. Дали имате да ѝ кажете нешто на македонската публика? Ви благодарам што бевте на нашиот концерт. Веќе третпат сме тука за тебе, наша прекрасна публико. Се надевам дека си поминавте прекрасно на нашиот концерт. Доаѓаме секогаш кога ќе нè повикате.

ИЗДВОЕНИ