четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните да не ги откажуваат аранжманите за Анталија, Тунис, Египет… нема да...

Граѓаните да не ги откажуваат аранжманите за Анталија, Тунис, Египет… нема да им бидат вратени парите

Кризата на Блискиот Исток негативно се одрази и врз работењето на домашните туристички агенции. Од агенциите велат дека нема нови резервации, дека се откажуваат патувањата за многу дестинации и дека граѓаните бараат да им бидат вратени парите. Смируваат дека нема потреба од паника и откажување на аранжманите за европските дестинации, како и за туристичките региони како Анталија, Тунис, Египет... кои не се на ризичната листа. Истовремено, ги информираат клиентите дека не им следува целосно враќање на средствата ако го откажат патувањето самостојно, од лични причини

979

Нема потреба од паника и од откажување на аранжманите за европските дестинации, кои не се на ризичната листа, како и за туристичките региони како Анталија, Тунис или Египет, кои, традиционално, се едни од главните и најпосетувани туристички дестинации за нашите граѓани, информираат од Националната асоцијација на туристички агенции. Велат дека се одразува кризата на работењето на домашните туристички агенции, дека нема нови резервации, дека се откажуваат патувањата за многу дестинации и дека граѓаните бараат да им бидат вратени парите. Поради стравот од безбедносната ситуација поврзана со воените дејства на Блискиот Исток, многу осмомартовски патувања беа откажани. Од туристичките агенциите ги информираат клиентите дека не им следува целосно враќање на средствата и им нудат ваучери, кои може да ги искористат за друго патување во нареден период.

– Туризмот се темели на довербата, точната информација и на стабилноста. Затоа, во вакви ситуации, најважни се смиреноста, трпението и информирањето од официјални извори. Упатуваме јасен апел до граѓаните да се воздржат од избрзано и масовно откажување на патувањата за дестинации за кои не постојат реални безбедносни закани. Нема потреба од создавање дополнителна паника и откажување на аранжманите за европските дестинации, кои не се на никаква безбедносно ризична листа, како и за туристичките региони како Анталија, Тунис и Египет, кои, традиционално ,се едни од главните и најпосетувани туристички дестинации за нашите граѓани – изјави за весникот ВЕЧЕР, Ана Марија Алексова, претседател на Националната асоцијација на туристички агенции.

Таа вели дека е испратен официјален допис до Министерството за култура и туризам со кој бараат заеднички да ја разгледаат ситуацијата и да добијат дополнителни насоки за постапување, со цел да се заштитат и патниците и туристичките агенции.

– Во изминативе денови, по повод 8 Март, илјадници македонски туристи веќе отпатуваа на различни европски дестинации и нивните патувања се реализираа нормално – изјави Алексова.

Согласно со Законот, патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секое време пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и договорената отказна такса.

– Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е возможно само во случај на вонредни состојби како прогласена воена состојба, вонредна состојба или други сериозни и официјално потврдени безбедносни ризици на самата дестинација. Личниот страв или субјективната загриженост, без официјална одлука од надлежните институции, не претставува законска основа за отказ без финансиски последици – изјави адвокатот на Асоцијацијата, Софија Дуковска.

Според стандардите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, доколку нема забрана за летање, затворен воздушен простор или официјално безбедносно предупредување, летовите се сметаат за оперативни и безбедни. Исто така, европската регулатива предвидува право на рефундација кога авиокомпанијата го откажува летот, но не и кога патникот самостојно одлучува да се откаже од патувањето. За организираните туристички аранжмани, применлива е и ЕУ-директивата за пакет аранжмани, која предвидува бесплатен отказ само во случај на неизбежни и вонредни околности на самата дестинација.

Од туристичките агенции алармираат патниците да бидат трпеливи и да не ги откажуваат патувањата од лични причини, бидејќи нема да добијат целосна рефундација на средствата.

Светските медиуми пишуваат дека туристите што се заглавени во Дубаи, Абу Даби, Катар, Малдивите… плаќаат над 10 илјади евра за лет за да се вратат дома. Патниците честопати се соочуваат со долго чекање на аеродромите и со многу високи цени на авионските билети, што предизвикува незадоволство и сериозно го нарушува искуството од нивното патување.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ