недела, ноември 29, 2026
Дома СВЕТ Крај на ерата на Санчез: Шпанскиот премиер го призна поразот, десницата освои...

Крај на ерата на Санчез: Шпанскиот премиер го призна поразот, десницата освои мнозинство

1
EPA/Chema Moya
Шпанскиот премиер Педро Санчез вечерва телефонски му се јавил на лидерот на опозициската Народна партија (ПП), Алберто Нуњез Фејоо, и му ја честитал победата на предвремените парламентарни избори во Шпанија.
Со преброени околу 92 отсто од гласовите, конзервативната Народна партија обезбеди 134 пратенички места. Заедно со крајно десничарската партија „Вокс“, која бележи силен раст и освои 53 мандати, десницата располага со вкупно 187 пратенички места — 11 повеќе од потребните 176 за апсолутно мнозинство во шпанскиот парламент.
Од ПП претходно реагираа на социјалните мрежи, порачувајќи: „ПП ќе победи на изборите, а Алберто Нуњез Фејоо ќе биде новиот премиер на Шпанија.“
Социјалистите на второто место
ПП води во повеќето шпански региони и доминира во поголемиот дел од земјата, со само неколку исклучоци.
Социјалистичката партија (ПСОЕ), предводена од досегашниот премиер Педро Санчез, го зазеде второто место со освоени 115 пратенички места.
На третото место е крајно десничарската партија „Вокс“, предводена од Сантијаго Абаскал, која со освоените 53 мандати бележи најголем скок во споредба со изборите во 2023 година, кога имаше 33 пратеници.
ПП ја потврди својата победа и во Андалузија – регион каде што левицата традиционално уживаше силна поддршка.
Конзервативците таму обезбедија 24 од вкупно 60 пратенички места, ПСОЕ е втора со 19 мандати, додека „Вокс“ го зголеми бројот на свои претставници од девет на 13.
Мнозинство за формирање влада
Пред изборите, Народната партија и „Вокс“ веќе склучија низа регионални договори, што укажува дека нивен сојуз е најверојатната опција за формирање влада на национално ниво.
Со вкупно 187 пратенички места, двете партии имаат комотно апсолутно мнозинство, надминувајќи го прагот од 176 места во парламентот од 350 пратеници.
Иако социјалистите на Санчез загубија шест мандати во однос на изборите во 2023 година, главен удар за левицата претставува слабиот резултат на нивните коалициски партнери – особено левичарскиот блок обединет околу „Широк фронт“ (Frente Amplio).
Повик за реконструкција на левицата
Габриел Руфијан, кандидатот на Републиканската левица на Каталонија (ЕРЦ), во изјава за новинарите се осврна на мнозинството што го обезбедија ПП и „Вокс“.
„Ова ќе биде огромен предизвик. Покажавме дека можеме и дека знаеме како. Време е за реконструкција“, порача Руфијан, чија партија во претходниот мандат беше еден од клучните фактори за стабилноста на владата на Санчез.
Излезноста на неделните избори во Шпанија достигна 79,1 отсто по затворањето на избирачките места, што е највисоко ниво во последните четири децении.

ИЗДВОЕНИ