Со зголемување на онлајн продажбата растат и онлајн измамите. Граѓаните сè почесто се цел на онлајн измамите при нарачување на некој производ, лажни пораки за преземање на пратка, нудење на работа од некои фирми… Најчесто измами се прават при онлајн купувања на социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм, бидејќи купувачите најчесто не можат да го вратат производот ако не одговара по боја, големнина, квалитет…Од Организација на потрошувачи за весникот ВЕЧЕР апелираат да се внимава при онлајн купување, особено кога се купува од интернет платформата „Тему“, која забележа значителна експанзија на Балканот, вклучувајќи ја и нашата земја, со бесплатна достава и пораст на нарачките од сите градови.
-Треба да се внимава кога се порачува онлајн. Да не се купува онлајн од непроверени продавачи. Сè уште граѓаните не знаат што значи кога купуваш од Фејсбук или од другите социјални мрежи, а што кај регистрирани продавници како „Зара“, „Манго“…Тоа е сосема друго. На Фејсбук има физички лица кои продаваат, а не се регистрирани. Кај овие продажби кога ќе дојде курирот на врата да ви го испорача производот не ви дава фискална, ниту некаква потврда. Кога ѕвоните на телефон да ви се врати производот, не ви се јавува. Според Закон за заштита на потрошувачи ако производот не одговара по боја, по големина можете веднаш да го вратите. Тоа не е проблем кога се работи за овластени продавници, но кога се работи за продажба преку Фејсбук, најчесто тоа не е случај. Ако се работи за технички производи кои се продаваат на Фејсбук, не добиваш овластен сервис, трговска гаранција од најмалку две години, па производот не можеш да го вратиш… Пазарната инспекција и Секторот за компјутерски криминал при МВР не може да го најде бидејќи седиштето му е регистрирано некаде на Сејшели, предупредува претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова.
Кога купувате онлајн од ланци на супермаркети, во тој случај вие сте заштитени и каков било производ да купите може да ви го вратат ако не одговара. Но, тоа не е случај кога купувате преку Фејсбук, бидејќи вие не плаќате онлајн туку на рака на курирот, значи тоа не е онлајн.
-Кога се купува онлајн доставувачот не ти дава да го отвориш пакетот и да го видиш дали тоа што го купуваш е во ред. Кога порачуваш од регистрирани продавници, ти плаќаш онлајн и кога ти го носи производот добиваш фактура со која можеш да го смениш или да го вратиш. Не е онлајн ако не плаќаш онлајн, туку кеш. За разлика од онлајн продажба кај регистрирани продавници каде што парите мора да ги вратат, при продажба преку Фејсбук може и да не ти ги вратат парите, бидејќи немаш никаков доказ, појаснува Лончар-Велкова. Од ОПМ апелираат да се внимава и при онлајн купување, особено кога се купува од интернет платформата „Тему“, која забележа значителна експанзија на Балканот, вклучувајќи ја и нашата земја, со бесплатна достава и пораст на нарачките од сите градови.
Оттаму напоменуваат дека платформата „Тему“ е регистрирана во странска земја и дека македонските закони за заштита на потрошувачите не се применливи. Во случај на проблеми, купувачите ќе треба да ги решаваат со продавачот. „Не можеме да се повикаме на домашните закони, ниту да поведеме постапка преку Државниот пазарен инспекторат“, додаваат од ОПМ.
Исто така, на социјалните мрежи е создадена група за луѓето кои направиле погрешна нарачка да ги продадат своите артикли. И покрај популарноста на оваа платформа, ОПМ предупредува на потенцијални ризици, бидејќи влијанието на овие производи, материјали и хемикалии врз здравјето не е тестирано.
Покрај онлајн измамите при нарачување на некој производ, граѓаните сè почесто добиваат лажни пораки за преземање на пратка. Овие измами функционираат по принцип на пораки кои како линк ви пристигнуваат на вашиот мобилен телефон дека имате пратка и треба да платите одреден паричен износ за да си ја подигнете. Со кликање на линкот вие треба да дадете податоци од вашата банкарска сметка и тука е првиот сомнеж кој треба да ви даде знак дека се работи за измама. Исто така, друга работа на која треба да се внимава е бројот преку кој ви се испраќа пораката, кој најчесто е сокриен, а имејл адресата е непостоечка. Поради тоа, познавачите на оваа проблематика предупредуваат да не се кликнува на линковите кои не доаѓаат од официјалната страна на Македонска пошта.
Исто како и со пораките за преземање на пошта, граѓаните многу често се соочуваат и со лажни понуди за работа и пракса.
„Здраво Ние сме TSQ Group Project Brokers, моментално регрутираме хонорарци, бараме мотивирани лица кои сакаат да се приклучат на нашиот тим. Лицата треба да бидат на возраст од 25 до 65 години без работно искуство. Работното време е од 20 до 30 минути на ден, дневницата е од 2.900 до 29.000 денари, а има и дневен бонус за време на пробниот период. Контактирајте не преку WhatsApp +12498989714“, вака изгледа содржина на една од пораките кои се добиваат за нудење на хонорарна работа на лицето кое е таргетирано.
Интернет-експертите велат дека овие пораки ќе се препознаат по тоа што многу често имаат граматички грешки или, пак, износот што се нуди како плата е сомнителна за почетници, а фирмите кои наводно нудат работа воопшто и не постојат. (С.Б.)