Сезоната во женската НБА (ВНБА) сè уште трае, но во центарот на вниманието се најде претстојниот драфт, и тоа поради контроверзијата околу правилата за тоа кој може да настапува во најсилната кошаркарска лига во САД. Поранешниот НБА-кошаркар, Енес Кантер Фридом, кој помина 11 сезони во најсилната светска лига, објави дека официјално аплицирал за ВНБА-драфтот.

Неговиот потег доаѓа во период кога повторно се разгоре дебатата во САД за учеството на трансродовите спортисти во женскиот спорт.

  • Официјално аплицирам за ВНБА – порача Кантер Фридом, посочувајќи на формулацијата на актуелните правила на лигата.

Темата дополнително се разгоре по изјавите на Софи Канингем од Индијана фиверс, која јавно зборуваше за потребата за заштита на младите девојки во спортот. Таа изјави дека не смета оти девојките треба да се натпреваруваат против биолошки мажи, а својата позиција ја бранеше и подоцна, нарекувајќи ја прашање на „здрав разум“. Нејзините зборови предизвикаа огромни реакции низ САД. Во дебатата се вклучија и американскиот претседател, Доналд Трамп, и потпретседателот Џ. Д. Венс, додека на натпреварите на Индијана беа забележани и собири на луѓе со спротивставени ставови.

Особено внимание привлекува фактот што досега во историјата на ВНБА нема настапувано трансродова жена. Според колективниот договор меѓу лигата и синдикатот на играчите, во ВНБА можат да настапуваат жени. Сепак, формулацијата не нуди многу дополнителни детали за критериумите за подобност. Токму тоа го искористи Кантер Фридом.

  • Ако сè што треба да направам е да изјавам кој сум, тогаш ги исполнувам сите услови потребни за да играм во ВНБА – напиша тој.

Но, не застана тука. Само еден ден подоцна, и поранешниот НБА-кошаркар Ројс Вајт објави дека се пријавил за драфтот, иронично наведувајќи дека за потребите на кошарката се идентификува како лице што понекогаш се идентификува како жена.

Од ВНБА засега нема конкретен одговор како би биле третирани ваквите апликации.

Иако, можеби, се иронични, апликациите на Кантер Фридом и на Ројс Вајт, несомнено, го принудија раководството на ВНБА да се соочи со прашањето за кое досега немаше јасен одговор.

ИЗДВОЕНИ