вторник, август 11, 2026
Дома МАГАЗИН “Еден бакнеж, песни рој“ – концерт во Белград, во спомен на славната Нина...

“Еден бакнеж, песни рој“ – концерт во Белград, во спомен на славната Нина Спирова 

0

Незаборавно! Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) од Белград, Србија, многу успешно го реализира музичкиот портрет на легендарната македонска пејачка на забавни мелодии Нина Спирова. Нашата македонска (и ексјугословенска) ѕвезда е родена во Прилеп, а почина во Србија во малото место Коштуниќ каде што е погребана и каде го помина остатокот од животот. Ќе ја памтиме по голем број прекрасни песни, но најмногу по хитот “Еден бакнеж песни рој“ со кој триумфално победи на “Опатискиот фестивал“ во силна конкуренција. И покрај огромната популарност, Нина Спирова остана скромна и повлечена личност. Нејзиниот приватен живот речиси и да не беше познат.

Големата Нина Спирова остави неизбришлив траг на естрадата со нејзиниот глас и со безвременските песни, меѓу кои се наоѓаат уште и: „Молчи, молчи“, „Да се смириш ти Езеро мое“, “На овој ден“, “Пелистерски очи“… како и многу други. Овие вечни мелодии, како и неколку староградски македонски песни по примерот на “Ајде, ајде слушај калеш бре, Анѓо“ и “Пилето ми пее“, станаа прилично омилени со нејзините специфични интерпретации. На концертот во Белград некои од овие песни беа испеани во новото руво преку дуото формирано по овој повод: Александар Стоименовски-интепретатор и професор Саво Милетиќ на клавијатури.

Со овој знaчаен проект „Портрети“ на познати македонски уметници кои живееле, работеле и стекнале статус на големи ѕвезди во Белград и во Србија, македонскиот КИЦ во Белград минататата година го претстави и музичко-театарско дело на славниот на Зафир Хаџиманов, со учество на Бисера Велетанлиќ и неговиот син Васил.  (Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ