СЕ ТОПИ ОПТИМИЗМОТ КАЈ ПРЕМИЕРОТ, ОПОЗИЦИЈАТА НАСТАПУВАЛА СО РАДИКАЛНИ БАРАЊА
Премиерот Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да прифати една изборна единица и зголемување на средствата за помалите партии доколку се постигне договор за нов Изборен законик. Тој посочи дека дијаспората останува стратешки приоритет и предложи и гласање по пошта, како можен модел. Според него, дел од опозицијата настапува со радикални позиции и го кочи процесот на усогласување на законот. Од СДСМ возвратија дека се противат на решенија што, како што велат, може да доведат до изборни злоупотреби. Предлог-законот е во собраниска процедура со илјадници поднесени амандмани, што дополнително го забавува неговото донесување
Владата и ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да прифатат една изборна единица, како и барањата на Левица за повеќе пари за финансирање на кампањите на помалите партии доколку тоа овозможи да биде донесен новиот Изборен законик, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека на средбата во Собранието, во саботата, ВМРО-ДПМНЕ јасно го повторила ставот дека воведувањето гласање на дијаспората е стратешка цел, но оцени дека дел од политичките партии настапиле со радикални позиции и дека по состанокот, сè помалку е оптимист дека политичките партии може да ги приближат ставовите.
– Едната позиција беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што не е прифатливо за нас. Тоа е позиција што ја поставува некој за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. Согласни сме за тоа. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем – изјави Мицкоски.
Според премиерот, кај некои политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и поради тоа се обидуваат да го бојкотираат донесувањето на измените на Изборниот законик, односно го бојкотираат процесот земјата да испорача десет од десет индикатори од реформската агенда.
– Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме да се носи тој со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе, кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над сè. Ние тука не можеме да помогнеме, но по вчерашниот состанок, сè помалку сум оптимист – изјави Мицкоски.
Тој посочи и дека во демократијата не се одлучува со консензус, како во еднопартиски систем, туку мнозинството ја носи одлуката.
– Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог: да се гласа преку пошта, со писма, како што е овозможено тоа во неколку десетици земји членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, сè да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека им е важно тоа, само да го донесеме Изборниот законик – изјави Мицкоски.
Претходно, изминатиот викенд, премиерот рече дека е важно, без разлика за кои избори станува збор, тие да бидат организирани кредибилно, како што биле локалните, по, како што рече, скандинавски модел, но додаде и дека е мошне битно да ѝ се овозможи да дијаспората да учествува во тие процеси. Тој истакна дека е прифатлив и модалитетот на гласање преку пошта, за кој има десетици примери и во Европа и во светот, а сè со цел, како што рече, да се обезбеди побројно гласање на нашата дијаспора.
Од опозицискиот СДСМ излегоа со критики дека со воведување електронско гласање за македонските државјани што живеат во странство ќе се отвори пат за изборни манипулации што ѝ одат во прилог на партијата на власт. Од СДСМ велат дека партијата е за нов Изборен законик, но не таков што ќе овозможи, како што наведуваат, кражба на изборите по мера на Мицкоски.
– Лага е дека СДСМ е против тоа дијаспората да гласа. СДСМ е против Мицкоски да гласа наместо дијаспората – велат од СДСМ.
Во однос на предлогот за гласање по пошта, од опозициската партија велат дека без јасни механизми за контрола и верификација, тоа носи ризик од злоупотреба и не гарантира тајност на гласањето. Оттаму сметаат дека треба Државната изборна комисија со консензус да ги утврди правилата за гласање на дијаспората и предупредуваат дека нема да поддржат решенија што, според нив, може да доведат до изборни нерегуларности. СДСМ ја повика власта да се откаже од предложените измени и да предложи модел што ќе обезбеди фер, безбедно и транспарентно гласање за македонските државјани што живеат во странство.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека социјалдемократите се плашат од дијаспората, затоа што знаат дека таа нема да гласа за нив, бидејќи луѓето си заминале од државата поради нивното катастрофално раководење со извршната власт. Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат и на изјавата на евроамбасадорот Михалис Рокас, кој во петокот рече дека Изборниот законик е добар и дека е потребен консензус за негово донесување.
Од партијата Левица, пак, обвинија дека блокадата на Изборниот законик е однапред договорена од големите партии, кои сакаат да го зачуваат постојниот изборен модел.
Предлог-изборниот законик е во собраниска процедура со голем број поднесени амандмани од парламентарните партии. Од опозицискиот СДСМ подготвиле 10.000 амандмани, а од Левица се поднесени околу 3.500 амандмани, што покрај немањето договор, дополнително го закочи процесот.
Измените на Изборниот законик се дел од обврските во рамките на реформските процеси поврзани со европската интеграција. (В. С. Н.)
Мицкоски: Големата поддршка во анкетите е резултат на работа и на реформи
Големата предност на партијата во последната анкета ја гледам како потврда за политиките и работата на Владата, истакна премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека неговиот фокус останува на реализацијата на проекти, реформи и исполнување на очекувањата на граѓаните. Според него, поддршката измерена на анкетите е резултат на работата на терен и на спроведувањето на владините политики, а не на политичка реторика и обвинувања. Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да работи и покрај можните грешки што може да се случат во процесот.
– Ќе продолжиме да работиме. Ако направиме грешка, ќе се извиниме. Само тој што ништо не работи не може да згреши. Важно е да работиме и да го испорачаме тоа што го очекуваат граѓаните од нас – истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека Владата е насочена кон работа и конкретни резултати, додека опозицијата, според него, ја темели својата стратегија на невистини, навреди, клевети и на обиди за создавање негативна атмосфера во јавноста. Тој оцени дека дел од опозициските партии пласираат, како што рече, неточни информации за состојбите во државава и предвидуваат сценарија што не се остваруваат.
Мицкоски упати критики и кон партијата Левица, за која рече дека има различни ставови во јавноста и во политичките контакти зад затворени врати, додавајќи дека граѓаните може да проценат како би изгледало управувањето со институциите од страна на такви политички субјекти.
Последната анкета на „Маркет вижн“ спроведена за порталот МКД.мк и објавена изминатиот викенд покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 49,7 проценти меѓу определените гласачи. Според резултатите, СДСМ е втор, но со далеку помал процент – има поддршка од 14,9 проценти, потоа следуваат ДУИ, Вреди, Левица и ЗНАМ. Според анкетата, претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има најголема доверба меѓу лидерите на политичките партии, со 23,3 проценти.












