недела, јули 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Верата не е пречка за спасување живот – дарувањето органи е благороден...

Верата не е пречка за спасување живот – дарувањето органи е благороден чин, но само со слободна волја

Таму каде што медицината нуди решение, а верата отвора морални прашања, сомнежот често ги наведува луѓето да побараат одговор од својата верска заедница пред да донесат одлука за органодарителството. Весникот ВЕЧЕР ви ги пренесува ставовите на двете најголеми верски заедници, МПЦ-ОА и ИВЗ, за прашањето што и натаму предизвикува дебата во јавноста: дали и зошто треба да се даруваат органи за спасување човечки живот? И Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница го препознаваат органодарителството како благороден и хуман чин доколку се почитуваат јасно утврдени етички принципи

0
МПЦ-ОА И ИВЗ ги расчистуваат моралните дилеми околу органодарителството

Јавноста се подели околу дарувањето органи, тема што стана актуелна со новиот Закон за органодарителство и со силната кампања на здравствените власти. Неодамна, министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека за да го прифати народот благородниот гест, ќе се дејствува преку сите институции во кои има доверба, вклучувајќи ги и верските заедници. Дел од граѓаните искажуваат дилеми и стравови: дали се нарушуваат верските начела со потпишувањето согласност за органодарителство, дали го дозволуваат Црквата и Исламската верска заедница овој чин и дали е морално прифатливо дарувањето органи?

На социјалните мрежи може да се прочитаат коментари дека „телото треба да остане недопрено“, дека „верата не го дозволува тоа“ или дека „по смртта, човекот не смее да биде донатор“. Весникот ВЕЧЕР побара официјални ставови од двете најголеми верски заедници во земјава, кои, според нивните изјави, покажуваат единство во објаснувањето зошто треба да се дарува живот и под кои услови.

И Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница го препознаваат органодарителството како благороден и хуман чин доколку се почитуваат јасно утврдени етички принципи.

Нашата Редакција се обиде да обезбеди став од свештеникот Бобан Митевски, но до затворање на весникот, не добивме мислење. Водејќи се од изјавите на претставници од Македонската православна црква, може да се заклучи дека современата трансплантологија претставува благородна можност за спасување човечки животи, но дека мора да остане во рамките на јасните морални и етички принципи, односно дарувањето е благословено само ако е доброволно и без каква било корист.

– Органите на човечкото тело не смеат да станат објекти за купување и продавање. Пресадувањето органи од жив донатор може да биде само по слободно изразена волја, односно врз основа на доброволна жртва за ближниот. Потенцијалниот донатор мора да биде известен за сите можни последици за неговото здравје. Затоа е морално недопустлива експлантација која го загрозува живиот донатор – изјавил свештеникот Митевски за Здружението „Храбро срце“.

Посмртното дарување го смета за пројава на љубов кон ближниот од онаа страна на смртта. Но, ваквото дарување или заветување не смее да се смета за обврска, туку треба да биде израз на слободно искажана волја.

– Доколку не е позната волјата на упокоениот донатор, треба да се побара информација од блиските за неговите ставови и разбирање на оваа тема. Црквата ја смета презумцијата за согласност како нарушување на човечката волја – вели тој.

Неодамна, пак, на трибина на верските заедници во Битола, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски изрази најголема почит и поклон кон оние што дарувале органи.

– Тоа е највисок степен на човекољубие и жртва – истакна тој.

Исламската верска заедница објаснува дека современата исламска правна мисла ја дозволува трансплантацијата, бидејќи исполнува една од најважните цели на шеријатот: зачувување на човечкиот живот.

– Исламската правна расправа за трансплантацијата на органи не е насочена единствено кон самата медицинска процедура туку и кон односот помеѓу две фундаментални вредности на шеријатот: неповредливоста на човечкото тело и зачувувањето на животот. Токму воспоставувањето рамнотежа меѓу овие две вредности претставува централна оска на современата исламска правна дебата, која резултираше со став дека трансплантацијата, во начело, е дозволена, сѐ додека ги остварува повисоките цели на шеријатот и ги почитува етичките и правните граници утврдени од исламското законодавство – велат од ИВЗ за весникот ВЕЧЕР.

Од ИВЗ нагласуваат дека дарувањето е чин на солидарност, но само ако е доброволно.

– Дарувањето орган за спасување на животот на друго лице претставува возвишен облик на алтруизам, саможртва и човечка солидарност. Дарувањето мора да биде резултат на слободна волја и не смее да биде проследено со морален, економски или семеен притисок. Човечките органи не смеат да се претворат во предмет на трговска размена.

За дарувањето по смртта, ИВЗ смета дека е дозволена трансплантација од починати лица, под услов смртта да биде утврдена согласно со современите медицински стандарди и да постои претходна согласност од починатиот или дозвола од неговото семејство.

– Во ваквите случаи, зачувувањето на животот на живите лица се смета за повисок интерес од апсолутното зачувување на органот, кој, во спротивно, би бил погребан без никому да донесе корист – е ставот на ИВЗ.

Според изјавите на двете најголеми верски заедници во земјава, МПЦ-ОА и ИВЗ, тие го поддржуваат органодарителството како хуман чин, но под услов да биде доброволно, етички оправдано и без каква било трговија или принуда.

Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело воведува можност секое полнолетно и деловно способно лице доброволно да даде изјава кај својот матичен лекар или преку електронската апликација „Мое здравје“ дека по смртта сака да биде дарител на органи. Изјавата ќе се евидентира во национален регистар и може да се повлече во секое време. Најзначајната новина е што доколку лицето дало ваква согласност во текот на животот, неговата волја ќе има предност и семејството нема да може да ја поништи. Ако, пак, не е дадена изјава, ќе продолжи да се применува постојното законско решение. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ