вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Приватен авион, таен состанок и милијарди од нафта: Дали Венс бил вмешан...

Приватен авион, таен состанок и милијарди од нафта: Дали Венс бил вмешан во контроверзен договор со Венецуела?

0
EPA/JIM LO SCALZO

Американскиот Сенат побара документација од потпретседателот Џ. Д. Венс во врска со неговите наводни контакти со трговец од компанијата „Витол“ – фирма која, само неколку дена по една американска операција во Венецуела, доби дозвола за продажба на нафтата од таа земја.

Комитет на американскиот Сенат истражува дали потпретседателот Џ. Д. Венс одиграл улога во доделувањето на профитабилен договор за нафта од Венецуела на компанијата „Витол“. Истрагата е покрената по медиумските извештаи кои го поврзуваат Венс со средба со трговец од „Витол“ – средба што наводно се случила една недела пред американската воена интервенција во Венецуела во јануари, за време на која бил уапсен тогашниот лидер на земјата, Николас Мадуро, пренесува Ројтерс.

Во писмото испратено до Венс, во кое увид имал Ројтерс, се бара неговиот кабинет да ја достави релевантната документација до 14 декември. Венс негира дека се сретнал со трговец од „Витол“ за да разговара за Венецуела.

Демократската сенаторка Меги Хасан од Њу Хемпшир испрати писмо до Венс, изразувајќи сериозна загриженост дека потпретседателот можеби ја искористил својата официјална функција за да му помогне на голем политички донатор да обезбеди профитабилен договор.

„Ви пишувам бидејќи постои сериозна загриженост дека можеби сте ја искористиле вашата позиција како потпретседател за да му помогнете на голем политички донатор да обезбеди профитабилни деловни можности поврзани со венецуелската нафта“, изјави Хасан.

Во јануари, таа ќе ја преземе функцијата претседавач со Сенатскиот комитет за внатрешна безбедност и владини прашања. Таа побара низа документи од кабинетот на Венс, вклучително и целата комуникација во која биле вклучени потпретседателот или неговите соработници со трговецот Џон Едисон или компанијата „Витол“.

Според извор запознаен со случајот, Венс и Едисон се сретнале во декември 2025 година во ексклузивниот „Јелоустоун клуб“ во Монтана. Изворот тврди дека тие разговарале за Венецуела и дека Венс се распрашувал колку брзо венецуелската нафта би можела да се пласира на пазарот доколку САД ја преземат контролата врз нејзините резерви. Едисон наводно го уверил дека „Витол“ би бил идеален партнер за таков потфат. И Венс и Едисон негираат дека средбата се случила.

Портпаролот на Венс, Лук Шредер, изјави: „Наводната средба на аеродромот никогаш не се случила“.

Сепак, „Ројтерс“ во својот првичен извештај не наведе дека средбата се случила на аеродром. Во своето писмо, сенаторката Хасан укажа на еден поинаков детал.

„Иако вашата канцеларија и г-дин Едисон го негираат тоа, евиденцијата за летови покажува дека неговиот приватен авион и вашето службено летало биле на истиот аеродром во Монтана, на денот на наводната средба“, напиша Хасан. Од „Витол“ изјавија дека, во тоа време, Едисон тргувал со бензин и не бил специјализиран за венецуелска сурова нафта. Тој ја напуштил компанијата претходно оваа година.

Едисон за „Ројтерс“ потврди дека на 5 јануари добил повик од американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт. Повикот пристигнал два дена по операцијата за соборување на Мадуро – настан во кој, според текстот, загинале до 100 луѓе. Од својата канцеларија во Хјустон, Рајт му изнел на Едисон понуда која, како што е опишано, тој не можел да ја одбие.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп планирала да ја искористи продажбата на венецуелска сурова нафта за финансирање на политичка транзиција во земјата. Рајт го прашал Едисон дали „Витол“ би биле заинтересирани да ја преземат таа работа. Министерството за енергетика потврди дека Рајт разговарал со него за Венецуела на 5 јануари.

Само неколку дена подоцна, на „Витол“ и на нивниот конкурент, „Трафигура“ им биле издадени посебни дозволи за продажба на венецуелска нафта. Независни аналитичари проценуваат дека, оттогаш, овие компании заработиле стотици милиони долари од продажбата на суровата нафта.

Според извештајот на Стејт департментот, објавен претходно овој месец, САД управувале со приходи од венецуелска нафта во износ од над 12 милијарди долари во текот на првите девет месеци од оваа година.

Податоците од Федералната изборна комисија покажуваат дека Едисон го поддржувал Венс уште од самиот почеток на неговата политичка кариера. Во 2022 година, тој донираше 300.000 долари на комитетот „Protect Ohio Values“ („Заштита на вредностите на Охајо“), кој му помогна на Венс за време на неговата кампања за Сенатот.

Според истите податоци, подоцна Едисон и неговата сопруга Шенон донирале вкупно 7 милиони долари на политички комитети што го поддржуваат вториот претседателски мандат на Трамп.

ИЗДВОЕНИ