Професиите на иднината бараат поинакви знаења и вештини, а образовниот систем треба да одговори на тие промени. Министерката за образование, Весна Јаневска, најави осовременување на наставата од основното до високото образование. Поголем акцент ќе се става на практичната работа, дигиталните и зелените компетенции, како и на критичкото размислување. Целта е училиштата и факултетите да создаваат кадри подготвени за новите технолошки и пазарни предизвици.
Образованието треба да ги подготвува младите не само за професиите што постојат денес туку и за работните места и за предизвиците што ќе ги донесат новите технологии. Во таа насока, Министерството за образование и наука спроведува промени од основното до високото образование, со акцент на практичните знаења, дигиталните и зелените вештини, како и поврзувањето на наставата со реалните потреби на пазарот на трудот. Ова го најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на регионалниот самит „Фјучерекс 2026“ што се одржа во Скопје.
Таа посочи дека образовниот процес мора да опфати поширок спектар способности, меѓу кои критичко размислување, креативност, тимска работа и социјални компетенции. Според неа, покрај стручните квалификации, младите треба да развиваат и лични и општествени вредности што ќе им помогнат полесно да се приспособуваат на промените.
Таа истакна дека еден од сегментите во кои веќе се спроведуваат новини е средното стручно образование. Од оваа учебна година, рече Јаневска, повеќе од 10.800 ученици запишани во прва година следат настава според осовремени наставни програми, во кои се вклучени СТЕМ-содржини, дигитални и зелени компетенции. За нивната примена досега се обучени 569 наставници, а се проширува и соработката со компаниите.
Министерката Јаневска истакна дека посебен акцент се става на дуалното образование, преку кое учениците дел од знаењата ги стекнуваат во училишните клупи, а дел преку практична работа во компании. Целта, според неа, е полесно да се поврзат образовните профили со потребите на работодавачите, особено во услови на дигитална трансформација и премин кон позелена економија.
Промени се предвидени и во основното образование. Јаневска најави дека воведувањето едносменска и целодневна настава треба да отвори простор за дополнителни активности надвор од традиционалното совладување на наставниот материјал. Министерката за образование смета дека учениците би добиле повеќе можности за истражување, проекти, спорт и креативна работа, со што уште од најрана возраст би се поттикнувале самостојноста, логичкото поврзување и решавањето проблеми.
Таа посебно истакна дека практичниот пристап треба да се прошири и на универзитетите. Јаневска рече дека планот е академското образование да се надополни со обуки и работно искуство во компании, со што студентите ќе можат да ги применуваат стекнатите знаења во професионална средина уште за време на студиите.
– Со тоа студентите добиваат можност да стекнат знаења и професионални вештини што ќе ги тестираат, усовршуваат и продлабочуваат во реални работни услови – истакна Јаневска, посочувајќи дека паралелно се работи и на поголемо вклучување на домашните универзитети во европските истражувачки и иновативни процеси.
Таа нагласи дека меѓународната соработка, учеството во европски програми и поврзувањето на универзитетите со научните институции и бизнис-заедницата се дел од активностите што треба да ја поттикнат научноистражувачката работа.
– Покрај формалното образование, во план е и развој на систем за доживотно учење. Тој треба да им овозможи на возрасните да посетуваат обуки, да ги надградуваат постојните квалификации или да се преквалификуваат, во зависност од промените на работните места и побарувачката за нови занимања – нагласи Јаневска.
Самитот „Фјучерeкс 2026“ беше организиран од Институтот за комуникациски студии, со кој заврши образовната програма за писменост за иднината, реализирана преку проектот „Фјучерлит“ со поддршка од програмата „Еразмус+“.
Јаневска: Ќе се плати долгот за струјата на УКИМ
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, уверува дека нема опасност од повторно исклучување на електричната енергија во факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), и покрај натрупаните долгови кон снабдувачот. Таа посочи дека со објавувањето на ребалансот на буџетот се создадени услови за сервисирање на обврските и дека долговите редовно се подмируваат.
Изјавата следува откако завчера дел од факултетите и зградата на Ректоратот останаа без струја поради неплатени сметки. Електричната енергија им беше повторно вклучена по неколку часа, но, на Универзитетот му бил оставен рок до петок да го намири долгот.
– Длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем – изјави Јаневска при посетата на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, по повод 80-годишнината од неговото основање.
Во однос на поплаките од студентите за нефункционалните дигитални билети за јавен превоз, министерката рече дека не е запознаена со проблемот, но изрази уверување дека раководството на ЈСП „Скопје“ ќе реагира и ќе го реши доколку постои.
(С. Бл.)










