четврток, ноември 19, 2026
Дома БАЛКАН Секој четврти граѓанин во Македонија размислува за иселување

Секој четврти граѓанин во Македонија размислува за иселување

0

Oдливот на население останува една од најголемите грижи во регионот

Повеќе од 26 проценти од граѓаните на Македонија имаат намера да заминат во странство, а 11,9 проценти веќе планираат или преземаат конкретни чекори за преселување. Депопулацијата и одливот на население се меѓу трите најголеми грижи на граѓаните, веднаш по инфлацијата и состојбите со работните места и платите. На регионално ниво, 58 проценти од младите на возраст од 18 до 24 години размислуваат да живеат или работат во странство. И покрај подобреното чувство на безбедност, економската несигурност и недовербата во институциите остануваат сериозен проблем, покажува истражувањето SecuriMeter 2026 на Советот за регионална соработка (RCC). Според истражувањето, македонските граѓани се чувствуваат побезбедно од регионалниот просек, со повисока доверба во Армијата и полицијата и најмала загриженост за можноста од војна во земјата

 

Иселувањето и недостигот од економска перспектива се меѓу најсериозните предизвици со кои се соочува Македонија. Повеќе од една четвртина од граѓаните, односно 26,1 процент, имаат некаква намера да заминат во странство, а 11,9 проценти веќе имаат разработен план или преземаат конкретни чекори за преселување. Дополнително, дури 80,1 процент од граѓаните ја сметаат депопулацијата и иселувањето за сериозен проблем. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето SecuriMeter 2026 на Советот за регионална соработка (RCC), кои откриваат дека, и покрај подобреното чувство на безбедност, економската несигурност и недовербата во институциите остануваат значајни причини за загриженост.

Според податоците, 14,2 проценти од испитаниците во Македонија имаат неодреден план за заминување, 6,2 проценти веќе имаат конкретен план, а 5,7 проценти преземаат чекори за преселување во друга земја. Наспроти нив, 68,1 процент велат дека немаат намера да ја напуштат државата. Во споредба со регионалниот просек од 29,3 проценти, Македонија има нешто помал удел на граѓани кои размислуваат за иселување, но според процентот на оние кои веќе преземаат конкретни чекори е меѓу земјите со највисоки вредности, веднаш зад Босна и Херцеговина и Албанија.

Младите со една нога надвор

Особено загрижувачка е сликата кај младите. Истражувањето покажува дека 58 проценти од младите на возраст од 18 до 24 години во шесте економии на Западен Балкан размислуваат да живеат или работат во странство. Речиси тројца од десет, односно 28,7 проценти, веќе имаат разработен план или преземаат конкретни чекори за заминување. Овие податоци повторно го отвораат прашањето за перспективите што регионот им ги нуди на младите, но и за долгорочните последици од губењето на работоспособното население.

Економските услови се еден од главните фактори што ја обликуваат ваквата перцепција. Во Македонија, дури 93,8 проценти од граѓаните се загрижени за трошоците за живот и инфлацијата, додека 81,7 проценти ги посочуваат работните места и платите како сериозен проблем. Дополнително, само 31,7 проценти од домаќинствата можат да покријат неочекуван трошок од 1.000 евра без да се задолжат или да побараат финансиска помош од други лица.

Слична слика се забележува и на регионално ниво. Според SecuriMeter 2026, 83 проценти од граѓаните на Западен Балкан се загрижени за инфлацијата и трошоците за живот, додека 78 проценти ги наведуваат депопулацијата и иселувањето како значаен безбедносен и општествен предизвик. Иако 65 проценти од сите испитаници немаат намера да се преселат во странство, кај младите преовладува поинаква перцепција.

„Безбедноста не се однесува само на заштитата на луѓето од традиционалните закани. Таа се однесува и на тоа дали луѓето можат да си дозволат достоинствен живот, дали им веруваат на институциите што треба да ги заштитат и дали гледаат иднина за себе и за своите семејства во овој регион“, истакна Павле Јанковиќ, раководител на Политичкиот оддел на RCC.

Тој посочи дека резултатите од истражувањето обезбедуваат важна основа за разбирање на стравувањата и очекувањата на граѓаните, идентификување на заедничките предизвици и поттикнување координирани регионални одговори.

Повеќе доверба во безбедносните служби отколку во политичките институции

И покрај економските проблеми и високата загриженост за иднината, граѓаните на Македонија се чувствуваат побезбедно од просекот во регионот. Дури 62 проценти сметаат дека државата е безбедно место за живеење, наспроти регионалниот просек од 56,6 проценти. Кога станува збор за безбедноста на Западен Балкан како целина, 55,3 проценти од испитаниците во земјава го оценуваат регионот како безбеден, додека просекот кај шесте економии изнесува 48,7 проценти.

Високо ниво на лична безбедност пријавиле 70 проценти од граѓаните, што е над регионалните 63,6 проценти. Воедно, Македонија има најнизок удел на граѓани загрижени од можноста за војна во сопствената држава – 37,7 проценти.

Разликите се забележуваат и во перцепцијата за насилството во непосредната околина. Улично насилство во своето соседство забележале 20,8 проценти од испитаниците во земјава, во споредба со 28,9 проценти на регионално ниво. Семејното насилство го посочиле 22,8 проценти, наспроти регионалните 34 проценти. Сепак, кај кражбите и грабежите ситуацијата е поинаква: 29,3 проценти од граѓаните во Македонија пријавиле вакви појави во својата околина, што е повеќе од регионалниот просек од 24,1 процент.

Довербата во институциите, пак, останува една од послабите точки. Само 20,1 процент од граѓаните имаат доверба во политичките партии, 22,8 проценти во судството, 27,1 процент во Собранието и 30,4 проценти во Владата. Наспроти тоа, Армијата ужива доверба кај 70,9 проценти од испитаниците, а полицијата кај 55,7 проценти. Оваа разлика укажува на значителен јаз меѓу перцепцијата за безбедноста и довербата во институциите што ги креираат и спроведуваат јавните политики.

На регионално ниво, недовербата е проследена и со изразена перцепција за распространетост на корупцијата. Дури 77 проценти од испитаниците сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната економија. Иако ова е подобрување во однос на 86 проценти во 2023 година, повеќе од половина од граѓаните, односно 52 проценти, не се согласуваат дека јавните институции ги третираат луѓето еднакво. Довербата во политичките партии на регионално ниво изнесува само 16 проценти и е најниска меѓу институциите опфатени со истражувањето.

ЕУ е прв избор за потенцијалните иселеници

За македонските граѓани кои размислуваат за заминување, Европската Унија останува најпосакуваната дестинација. Повеќе од половина, односно 52,4 проценти од потенцијалните иселеници би избрале некоја земја членка на ЕУ. Швајцарија е избор за 18,8 проценти, додека САД, Канада и Австралија заедно привлекуваат 16,5 проценти од оние кои размислуваат за преселување. Интересот за земјите од ЕУ е поголем од регионалниот просек, додека мал дел од испитаниците би се преселиле во друга економија од Западен Балкан.

Покрај економската и институционалната несигурност, сè поголемо значење добиваат и дигиталните закани. На регионално ниво, 74 проценти од граѓаните се загрижени за кражба на личните податоци, а 72 проценти стравуваат дека тие би можеле да бидат злоупотребени од приватни компании или интернет-платформи. Истиот процент од испитаниците се загрижени за дезинформациите и лажните вести, додека 70 проценти ги наведуваат сајбер-криминалот и интернет-измамите како сериозен безбедносен ризик. Организираниот криминал, пак, предизвикува загриженост кај 68 проценти од граѓаните.

Истражувањето ја опфаќа и перцепцијата за нелегалното поседување и злоупотреба на огнено оружје. Повеќе од половина од испитаниците во регионот, односно 53 проценти, велат дека се чувствуваат загрозено од ваквите појави во своето соседство. Сепак, 84 проценти од нив не би размислувале да поседуваат огнено оружје. Поделени се и ставовите за имиграцијата: 48 проценти веруваат дека таа придонесува за зголемување на криминалот, додека 21 процент го препознаваат придонесот на имигрантите во пополнувањето важни работни места. Станува збор за перцепции на граѓаните, а не за потврдени причинско-последични врски.

„Она што се издвојува оваа година е контрастот меѓу подобрените перцепции за безбедноста и постојаната загриженост за секојдневниот живот. Луѓето можеби се чувствуваат побезбедно во непосредната околина, но тоа не мора да значи дека се сигурни во својата иднина. Кога повеќе од осум од десет граѓани се загрижени за трошоците за живот, а повеќе од половина од младите размислуваат за заминување во странство, мора да препознаеме дека економската безбедност, можностите и отпорноста се составен дел од пошироката безбедносна слика. Ова не се одделни прашања, туку меѓусебно поврзани предизвици кои бараат информирани и координирани одговори“, изјави Анер Жуковиќ, висок советник за безбедност во RCC.

Резултатите од SecuriMeter 2026 беа презентирани во Белград, во рамки на Белградската безбедносна конференција, по што следуваше дискусија со претставници на академската заедница, граѓанскиот сектор и експерти од регионот. Во фокусот беа влијанието на граѓанските перцепции за безбедноста врз довербата во институциите, економската отпорност и регионалната соработка, како и потребата од политики засновани на релевантни податоци.

Истражувањето SecuriMeter 2026 е спроведено од 1 до 17 септември 2026 година, на примерок од 6.003 полнолетни испитаници во шесте економии на Западен Балкан. Анкетирањето било реализирано непосредно, со компјутерски потпомогнато лично интервјуирање. Прашалникот опфатил 42 тематски прашања, како и 17 прашања за селекција и демографски карактеристики.

Наодите покажуваат дека подобреното чувство на лична безбедност не е доволно за граѓаните да имаат и чувство на сигурна иднина. За Македонија, како и за целиот регион, предизвикот не е само да се намалат традиционалните безбедносни ризици, туку да се создадат економски услови, институционална доверба и перспективи кои ќе ги мотивираат граѓаните, особено младите, својата иднина да ја гледаат дома. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ