Српската напредна странка (СНС) официјално добила известување за предлогот за суспензија од Европската народна партија (ЕПП), но засега ќе остане членка, изјави денеска пратеничката Ана Брнабиќ.
Таа најави дека за ова прашање ќе се разговара на политичкото собрание на ЕПП во Брисел, на 7 и 8 декември, кога ќе бидат разгледани и условите што СНС треба да ги исполни за да го задржи членството.
Брнабиќ соопшти дека СНС на 13 декември ќе одржи партиско собрание, на кое ќе ги претстави барањата на европската политичка групација.
Меѓу условите на ЕПП се промена на политиката кон Русија и Кина, појасна посветеност на европската интеграција, усогласување со санкциите на ЕУ против Москва, како и дистанцирање од рускиот претседател Владимир Путин и неговата партија „Единствена Русија“.
ЕПП бара и СНС да престане со величање на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, да ја зајакне соработката со граѓанскиот сектор и да се обврзе на почитување на слободата на медиумите.
Меѓу барањата се наведува и обезбедување мирно предавање на власта на Студентската листа, која, според информациите во објавениот текст, победила на парламентарните избори кон крајот на октомври.
Претседателството на Европската народна партија вчера препорачало суспензија на СНС од статусот придружна членка. Конечните разговори за идниот статус на партијата се очекуваат во декември.












