Руинираната Универзална сала, која со децении е нефункционална и во процес на реконструкција, вчера не успеа да добие ново име. Иако обновата на салата што претставува еден од симболите на Скопје тапка во место, вчера беше тема на дневен ред на Советот на Град Скопје поради предлогот на СДСМ таа да се вика по неодамна починатата македонска ѕвезда, Владо Јаневски. Против гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Вистинското прашање е дали треба да биде приоритет изградбата на салата, да се стави во употреба, па дури потоа достоинствено да се именува
Советот на Град Скопје, на денешната седница, не ја прифати иницијативата на советничката од СДСМ, Кети Штерјова, новото име на Универзална сала да биде „Владо Јаневски“.
– Универзална сала е еден од најзначајните симболи на културниот и на музичкиот живот на Скопје. Во неа, низ децениите, се одржале бројни концерти, фестивали, претстави, свечености и други настани што оставиле траен белег во колективната меморија на градот и на државата. Владо Јаневски е истакнат македонски пејач, скопјанец, автор и изведувач со повеќедецениско творештво и значаен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика. Неговите песни се препознатлив дел од современото македонско музичко наследство и се поврзани со повеќе генерации публика – истакна Штерјова.
Како што наведе таа, именувањето на Универзална сала во „Универзална сала Владо Јаневски“ би претставувало признание за неговиот уметнички придонес и воедно би ја нагласило улогата на салата како дом на музиката, културата и на колективните спомени на Скопје.
– Со ваквиот чин би се воспоставила симболична врска помеѓу еден од најзначајните културни објекти во градот и истакнат претставник на македонската музичка сцена – заклучи Штерјова, образложувајќи ја иницијативата.
За предлогот не гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, на денешната седница на Советот не поминаа ниту предлозите на советничката група на Левица, која бараше да се стават на дневен ред точки за воведување билет со временско ограничување за возење во автобусите од јавниот превоз и за воведување хигиенски и технички услови за приватните превозници. Беше прифатен само предлог на советничката од СДСМ, Катерина Цаневска- Арсовска, како точка на дневен ред да се стави воведувањето систем „0 отпад во Скопје“, преку кој треба да се подобри хигиената во градот.
(А. П.)












