Повеќе од една година траела истрагата на Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и со странски партнерски служби, која завчера резултирала со голема полициска акција во Прилеп и пошироко. Во рамките на акцијата биле извршени околу 30 претреси, а во првичната кривична пријава се очекува да бидат опфатени околу 21 лице. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочи дека станува збор за сериозна организирана криминална група, за која постојат сомненија дека со години била активна не само во Македонија туку и во повеќе земји од Европската Унија.
– Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група, добар дел од таа организирана криминална група повеќе од 15 години го правел тоа што го правел и бил недопирлив за органите на прогонот – изјави Тошковски.
Според информациите што ги изнесе министерот, дел од осомничените во изминатиот период дејствувале и во Грција, особено на Халкидики и во Калитеа, каде што се сомничат за кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби. Истрагата упатува и на можни криминални активности на дел од групата во Шпанија. Тошковски информираше дека едно од лицата, кое било во куќен притвор во Шпанија, избегало, по што било обезбедено од македонската полиција и соодветно процесирано.
Во текот на акцијата биле извршени претреси и кај полициски службеници за кои постојат сомненија дека споделувале информации со членови на групата и на тој начин им помагале во криминалните активности. И овие наводи се дел од истрагата, која продолжува. Тошковски откри и дека пред неколку месеци бил уапсен член на најтесното семејство на еден од осомничените во Франција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин. Според информациите што ги изнесе министерот, дрогата била наменета за внесување во Македонија.
При претресите биле пронајдени и повеќе од 120.000 до 130.000 евра во готовина, а биле одземени околу десет возила. Меѓу нив имало две возила „масерати“ и две луксузни возила „ленд ровер“. За едно од возилата постојат сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација.
Истрагата опфаќа и сомневања за перење пари. Според Тошковски, постојат индиции дека приносите стекнати со криминални активности биле внесувани во правниот промет во Македонија и во странство. Истражителите располагаат и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија.
Еден од клучните сегменти на истрагата, според министерот, е утврдувањето на имотот за кој постои сомнение дека е стекнат со криминални активности и негово евентуално одземање.
– Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес што го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесираме кривичното дело што го правеле сторителите, за кое имаме уште како собрано доказен материјал во изминатава една година, туку целта е и сето она што е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотната состојба, да биде одземено и да биде ставено во функција на државата – истакна Тошковски.
Истражните дејства продолжија и вчера, а МВР и ЈО работат на целосно документирање на случајот, идентификување на сите лица опфатени во истрагата и на утврдување на имотот за кој постои сомнение дека потекнува од криминални активности.












