Според извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и агенцијата „ОН Жени“ (UN Women), минатата година ширум светот биле убиени околу 47.000 жени и девојки од страна на нивните партнери или членови на семејството.
Извештајот беше објавен во пресрет на Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените, кој се одбележува на 25 ноември.
Податоците покажуваат дека, како и во претходните години, домот е најопасното место за жените и девојките.
Во извештајот се наведува дека приближно 60 отсто од вкупно 78.000 случаи на фемицид (убиства на жени) во 2025 година биле извршени од партнери или блиски членови на семејството. Тоа значи дека, во просек, секој ден се убиваат 129 жени од страна на некој од нивниот најблизок круг.
Фемицидот се дефинира како „убивање на жени и девојки поради нивниот пол“.
Во извештајот се истакнува дека бројот на жртви бил особено висок во Африка. Од друга страна, жените и девојките биле релативно побезбедни во Европа.
„Предолго сме сведоци на алармантни статистички податоци“, изјави извршната директорка на UNODC, Моника Џума. Загрижувачките ставови, општествените норми и недостигот од ефективни институционални заштитни механизми создаваат средина во која убиството на сопруга, ќерка, мајка или сестра станува нешто што може да се ’толерира‘. За промена на оваа реалност е потребно континуирано дејствување на сите нивоа во општеството“, рече таа.
Сима Бахус, извршна директорка на „ОН Жени“, изјави дека светот мора „итно да дејствува за да се осигура дека ниту еден знак за предупредување нема да биде игнориран, ниту една жртва нема да остане без заштита, а ниту еден сторител нема да избега од одговорност“.
Според податоците на Обединетите нации, стапката на убиства на глобално ниво опаѓа, но бројот на фемициди се намалува со значително побавно темпо, забележува новинската агенција ДПА (dpa).
Во Европа, стапката на убиства се намалила за 43 отсто во периодот помеѓу 2010 и 2025 година, додека стапката на фемициди во истиот период опаднала за само 28 отсто, соопштуваат Обединетите нации.












